-Почнувајќи од 2012 година, за скрининг за карцином на грло на матка се поканети околу 120.000 жени, а на преглед се јавиле над 50 отсто (околу 64.000 жени). Податоците покажуваат дека од година во година расте бројот на жени кои се покануваат на превентивен преглед за карцином на грло на матка, а со тоа расте и бројот на жени кои се јавуваат на превентивните прегледи- информираше д-р Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна заштита во министерството за здравство.
-Карциномот на грло на матка е една од најчестите причини за смртност предизвикана од малигни промени кај жените во светски рамки. Според податоците на Светска Здравствена Организација во светот секоја година се јавуваат 500.000 нови случаи на заболени од рак на грлото на матката од кои приближно 80 отсто се во неразвиените земји, додека во РМ на годишно ниво заболуваат над 290 жени, а смртноста изнесува околу 47 на годишно ниво. Сепак, карциномот на грло на матка е излечива болест доколку се открие навремено во најраните стадиуми на прогресија. Токму затоа се препорачуваат скрининг програми, кои по повеќегодишна примена резултираат со намалување на инциденцата и морталитетот од овој карцином – рече д-р Костовска.
За колоректален карцином, од почетокот на скринингот во 2012 година, досега се извршени вкупно 18.497 скрининзи, од кои кај вкупно 178 лица за трите години се откриени полипи или карциноми на дебели црево, а само во 2014 година кај 80 лица е потврден наод на присуство на полип или рак на дебело црево. Инаку, колоректалниот карцином е еден од најчестите малигни заболувања кое се јавува со инциденца од 15-30 нови случаи на 100.000 жители годишно.
– Ризикот од појава на заболувањето зависи од повеќе фактори како што се: возраста, начинот на исхрана, физичката активност, личните и семејните предиспозиции, и ризикот се движи од 5 отсто кај пациентите со просечен ризик до повеќе од 95 отсто кај пациентите со одреден наследен синдром. Токму затоа, кај лица над 50-годишна возраст се препорачуваат вакви скрининзи, имајќи предвид дека кај повеќе од 90 отсто од пациентите колоректален карцином се развива како резултат на претходни полипи, а детекцијатата на болеста во раната фаза овозможува 5-годишно преживување кај повеќе од 90 отсто од пациентите. Со Програмата од 2012 година досега се опфатени лица на возраст од 50-74 годишна возраст, кои матичните лекари ги советуваат за потребата од проверка на здравјето со вршење фоб тест – додаде д-р Костовска.
Според д-р Костовска во тек е спроведувањето на Националната скрининг-програма за карцином на дојка. Опфатени се повеќе градови (каде што јавните здравствени установи располагаат со мамографи) и од почетокот на спроведувањето (7 април – Светскиот ден на здравјето) досега се извршени вкупно 470 мамографски скрининзи во целата држава. Мамографскиот скрининг е бесплатен за жената, а повикувањето се врши со телефонско јавување. За почеток, на мамографскиот скрининг се повикуваат жени на возраст од 50 години (вкупно околу 14.000 жени),кои се асимптоматски (навидум здрави) жени и кои, согласно податоците од системот МојТермин, не направиле мамографска контрола во последните две години. Мамографскиот скрининг е една од најзначајните мерки за рано откривање рак на дојка, а со тоа и заштита на здравјето на женската популација, имајќи предвид дека тоа е најчестото малигно заболување кај жените.
-Апелираме до граѓаните, особено до лицата кои спаѓаат во ризични групи за било кое од овие заболувања, да се јават кај своите матични доктори за превентивно да ги извршат прегледите. На овој начин, доколку има потреба, навремено ќе реагираат и ќе се излекуваат, а воедно ќе го заштитат и сочуваат своето здравје -истакна д-р Јованка Костовска од министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.