Деновиве во студиото „Подрумот“ се направени завршните подготовки од новиот албум „Песно моја добра“ на доајенот на македонската народна песна Ефто Пупиновски, за кој вели дека е плод на тригодишна творечка работа и на најдоброто од тоа што го искомпонирал во тој период. За текстовите и аранжманите на новите петнаесет авторски песни одбрал добра екипа на мајстори на својот занает, кои без сомнение одлично си ја завршиле својата работа. Текстовите се дело на Мирослав Кузман и на Огнен Неделковски, а аранжманите се на Сашо Ливрински, Томислав Таневски, Тодор Трајчески и на Анѓел Ќосев.
Кога станува збор за издавање музички албум, Пупиновски вели дека времињата се исклучително тешки и сложени, но во сето тоа сивило останува човекот со сите желби и потреби за добра песна.
– Останува кај уметникот желбата и потребата да им подари на слушателите убава песна за релаксација, отпуштање и уживање и да им ги направи поподносливи овие бурни времиња. Ете, од мене дури 15 нови песни. Ако размислував дали вреди да се издава албум или не, не знам. Мене единствениот мотив ми е задоволството да направам добра песна. Овие 15 песни се поставени на „Јутјуб“, каде што може да се чујат – вели Пупиновски.
Со голем концерт во Универзалната сала минатата година, Пупиновски ги одбележа четирите децении на сцената и плодната кариера. Тој е еден од ретките наши фолк-пејачи што можат да се пофалат дека го направиле тоа во последните години. Вели дека тоа бил концерт полн со емоции и задоволство кај присутните, кои на нозе и со пеење, играње и со скандирање го проследиле и доживеале, а тоа што му влева надеж за опстанок и развој на нашата македонска песна, е фактот што поголемиот дел од присутните биле од помладата популација.
– Ако е предизвик салата „Борис Трајковски“, тогаш да видиме како единствените релевантни критичари – слушателите ќе ги примат песните од новиот албум. Па, ако сѐ биде во ред, наесен ќе се видиме во спортската сала – вели Пупиновски.
На прашањето во кого ја гледа вината што во две години има буквално десет пати повеќе концерти на балкански изведувачи отколку на македонски, сеедно дали од забавната или од фолк-сцената, одговара дека за тоа може да се зборува на долго и на широко бидејќи е многу комплексно, сложено и сеопфатно прашање. Според Пупиновски, ако не му се пријде да се решава соодветно и сериозно, со секој изминат ден полека но сигурно го губиме идентитетот.
– Како прво, во нашето општество дваесетина години нема творечка клима, што е директно поврзано со општествените услови. Творечкиот потенцијал постои, но е заробен во длабочината на душата кај тие што треба да творат. Значи, нема квалитетни песни – вели тој.
Според Пупиновски, голема вина има и во тоталната неорганизираност во естрадната фела што само по себе подразбира дека не постои критички однос кон овој вид творештво и кон квалитетот.
– Сѐ е ставено во исти кош. Значи, нема натпреварувачки дух и фер однос кон учесниците кои ја креираат и презентираат нашата песна – смета Пупиновски.
Пупиновски уште пред 35 години сакал да направи синдикат на естрадни уметници, но, како што вели, луѓето што се занимаваат со оваа дејност ниту тогаш не ја разбрале потребата од синдикат, ниту, пак, сега ја разбираат.
– Тврдам дека прашањето со синдикатот нема алтернатива. Или оваа фела ќе се здружи во здрав синдикат со активно и едуцирано членство или ситуацијата ќе биде сѐ полоша. Наспроти, без срам и перде, неморалот, неетичноста, нечовечноста, хаосот во оваа фела ја достигна својата кулминација со лажирањето на наградите на фестивалите и при доделувањето на субвенциите од Министерството за култура за поддршка на македонската песна. Сето тоа ја прави ситуацијата уште побезнадежна – вели Пупиновски.
Според него, голем удел во креирањето на работите од оваа област имаат и медиумите, пишани и електронски.
– Почнувајќи од Македонската телевизија, која треба да биде главен креатор и промотор на националната песна, па преку другите национални телевизии кои ако не ги обврзува законот да мораат да емитуваат македонски песни, целосно би престанале да го прават тоа. И тоа што го прават е на класичен начин, без други форми на презентирање кои би биле поинтересни и поприфатливи. Ни од далеку не прават доволно за популаризација на македонската песна. Пишаните медиуми периодично, од случај до случај, пишуваат за активностите на естрадата наместо континуирано низ разни приоди и форми да ги пратат активностите и случувањата на естрадата – смета Пупиновски.
На крај, и спонзорите играат важна улога, а тие, според Пупиновски, најчесто доделуваат големи суми пари за тие од страна, а за македонските интерпретатори најчесто нема ништо.
„Туѓа си бескрајно“ е своевидно чудо
Многумина на шега велат дека Македонците не беа подготвени за „Туѓа си бескрајно“ во деведесеттите години на минатиот век. Песната стана хит по две децении и веќе неколку години нема кафеана без неа. За тоа зошто толку доцна созреа оваа песна, Пупиновски вели дека „Туѓа си бескрајно“ е своевидно чудо.
– Преслушана е на „Јутјуб“ преку 3.000.000 пати (патем кажано за наши македонски услови хит е онаа песна што е барем 500.000 пати преслушана). Песната ја изведов на фестивалот „Камбера“ во Австралија во 1992 година и тогаш ја доби третата награда (напоменувам, без никакви лажирања) од публиката. Значи таа беше прифатена од слушателите и во тоа време, а сега, можеби ќе бидам нескромен, дојде до полн израз бидејќи има недостиг од добри песни – вели Пупиновски.
Малку траги-комично е тоа што песната се пее дури и по свадби, но, според него, и тоа си има свое логично објаснување бидејќи присутните во тој момент ја доживуваат како песна која бескрајно ги расположува и развеселува.
Сепак, по повеќе од 40 години на сцената не е само „Туѓа си бескрајно“ таа што се пее на глас од новите генерации.
– Да, не само „Туѓа си бескрајно“, тука е и раскошната „Лихнида кајче веслаше“, која веќе има 5 легални и уште толку нелегални верзии низ Балканот и е балкански хит. За неа може да направиме специјално интервју. Покрај неа се „Ах, ах, Ана“, „Прости ми душо моја“, „Зоро моја Зорице“, итн, на кои сум композитор, а како интерпретатор тука е „Тинка Катинка“, „Песната може се“ итн. – вели Пупиновски.
Пишува: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст