Американската лесна нафта за испорака во мај поскапе на берзата во Њујорк за 45 центи на 52,36 долари за еден барел, додека нафтата од типот Брент на берзата во Лондон се тргуваше за 51 цент поскапо по цена од 58,44 долари за барел, пренесува агенцијата Франс Прес.
Проценките на аналитичарите се дека по падот на американското производство на нафта и намалувањето на резервите ќе следи период на покачување на цената на „црното злато“.
Во Македонија, малопродажната цена на нафтените деривати се формира врз основа на цената на берзата во Њујорк, а влијание има и курсот на доларот во однос на денарот.
Следната корекција на цените во Македонија, Регулаторната комисија за енергетика ќе ја направи идниот понеделник. Ако се имаат предвид денешните цени, можеме да очекуваме значително поскапување на горивата. Имено, минатиот понеделник, регулаторот ја формираше цената на горивата во Македонија врз основа на просечната цена на суровата нафта која тогаш на берзата во Лондон изнесуваше 54,5 долари за еден барел, а курсот на денарот во однос на доларот беше 57,9 денари.
Во моментов, барел нафта чини скоро 4 долари повеќе од пред една недела, а еден долар се продава за 58,4 денари. Доколку се задржи ваквиот тренд можеме да очекуваме значително поскапување на горивата во Македонија кое би се движело меѓу 3 и 4 денари по литар.
Во моментов литар Еуросупер од 95 октани се точи за 67,5 денари, 98 октанското гориво чини 69,5 денари по литар. Цената на овие горива не претрпе корекции минатата недела. Дизелот минатиот понеделник поевтини за половина денари и сега се продава за 53 денари по литар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.