| четврток, 6 декември 2018 |

Видео: И пејачите се најдоа заплеткани во мрежата на фризерката која продава лажни станови

Лесна на збор и убедлива, 29-годишна скопјанка извршила измама на деценијата. Продавала непостојни станови на пријатели и познаници за невројатно евтина цена. Измамата не ја сфатиле 30 граѓани кои мислеле дека купуваат евтини станови, а нивните пари биле потрошени за луксуз на измамничката

izmama stanovi

Црниот кабриолет БМВ вреден шеесетина илјади евра е во кругот на МВР. Сопственичката на автомобилот, некогашна фризерка, сега е во притвор во Шутка поради измама. На најмалку 30 лековерни македонски граѓани им продавала станови под цена, за 400 евра за квадратен метар во Скопје. Измамничката, која има само 29 години, успеала да чепне и од македонската естрада, пејачи и музичари ѝ платиле по дампинг цена иако жената немала ниту фирма ниту станови за продажба.– Со никој нема потпишано договор, а со неколку измамени има потпишано преддоговор за купопродажба без никакво правно дејствие. Некои ги исплатиле парите и без преддоговор. За сметката за која проверувавме знаеме дека од крајот на 2011 до март 2013 година се уплатени околу осумстотини илјади евра. За 650 илјади евра веќе имаме пријава од измамени – рече Иво Котевски, портпарол на МВР.

Парите ги трошела за скапи брендирани парчиња накит и часовници, си купила стан за 130 илјади евра, а во возниот парк имала, покрај БМВ, уште 3 автомобили. Гардеробата ѝ била полна со скапи фустани, а луксузот го купувала со парите на наивните муштерии што плаќале за евтини станови.

Измамничката прво ги наоѓала жртвите, ги убедувала дека има станови за социјални случаи или за лица со посебни потреби кои може да им ги продаде за 400 евра за квадратен метар или многу поевтини од пазарната цена.

Била толку убедлива што жртвите поверувале дека до вистинската цена на становите ќе доплатат владите на Холандија или на Белгија во рамки на хуманитарен проект. Муштериите плаќале меѓу 15 и 30 илјади евра на сметка на таткото на уапсената скопјанка.

Кога муштериите се посомневале зошто не им дава клучеви од становите, пријавиле во полиција. Полицијата ја отворила истрагата и ја открила измамата, постојат сомневања дека има уште измамени граѓани кои полицијата ги повика да пријават.

Дваесет и деветгодишната скопјанка и нејзиниот татко се во притвор, а вредните работи им се одземени.

 

Извор: Канал 5

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top