Собранието на Република Македонија утре треба да ја одржи 43. седница на чиј дневен ред се повеќе ратификации, годишни извештаи и финансиски планови, закони во прво и во второ читање и одлуки.
На оваа седница е и предлог одлуката за именување членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата пред велигденските празници предложи именување членови на Антикорупциска од кои само двајца се од постојниот состав.
За членови на Државната комисија за спречување на корупцијата беа предложени Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, дипломиран економист д-р на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, дипломиран правник магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, дипломиран правник, магистер по деловно право од Прилеп, како и актуелните Сеиди Халили, дипломиран економист од Тетово и Фарије Алиу, дипломиран економист доктор на економски науки од Гостивар.
Пред пратениците утре се и предлог- одлуките за именување член на Комисијата за заштита на конкуренција и за именување на претседател и членови на Управниот одбор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Треба да бидат разгледани и предлог ратификациите на Договорот за воена финансиска соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и Протоколот за спроведување на финансиска поддршка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за одбегнување на двојното оданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход.
На дневен ред се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната, на Законот за земјоделското земјиште, двата во прво читање, на Законот за Државен пазарен инспекторат, во второ читање и дополнувањето на Законот за техничката инспекција, исто така во второ читање.
Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2014 година е исто така на дневен ред на седницата, а пратениците треба да гласаат и за Предлог одлуките за давање согласност на Предлог Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2015 година, на Предлог Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2015 година, за ратификациите на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Хрватска за изменување и дополнување на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Хрватска за трговија и стопанска соработка и на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за полициска соработка.
По скратена постапка ќе бидат разгледани и измените и дополнувањата на Законот за Управата за јавни приходи, на Законот за Царинската управа, измените на Законот за надворешни работи, на Законот за судска служба, на Законот за извршување на санкциите, измените и дополнувањата на Законот за јавните претпријатија, како и дополнувањето на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на Законот за здравственото осигурување и измените на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.
Пратениците треба да гласаат и за Предлог – одлуката за испраќање припадници на АРМ за учество во мировна операција на ЕУ „Алтеа“ во БиХ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.