Американскиот претседател Барак Обама и неговиот кубански колега Раул Кастро синоќа одржаа историски разговори во Панама, што е прва средба меѓу лидери на САД и Куба од Студената војна.
Обама и Кастро се сретнаа на маргините на Самитот на Организацијата на американските држави, со што е отворен пат за нормализирање на односите меѓу двете земји.
– Ова очевидно е историски состанок. Верувам дека е време да се проба нешто ново и важно за нас, да се поврземе подиректно со кубанската Влада. И што е уште поважно со кубанскиот народ, изјави американскиот претседател.
Шефот на кубанската држава истакна дека тој и Обама се подготвени да разговараат за „чувствителни“ прашања, вклучувајќи ги човековите права и слободата на медиумите, тврдејќи дека „се може да се стави на маса“. Тој нагласи дека двете земји за некои работи се согласуваат, но за некои не се согласуваат.
– Подготвени сме да направиме напредок на начин како што го опиша претседателот Обама, додаде Кастро.
Американскиот претседател му се заблагодари на Кастро поради „неговиот отворен дух“, додека неговиот кубански колега одговорил дека Куба е подготвена да разговара за се, но преговорите за повторно воспоставување на дипломатски односи меѓу двете држави „бараат големо трпение“.
– Оваа промена во политиката на САД претставува пресвртница за целиот наш регион, оцени Обама.
Кастро, кој побара да биде затворено прашањето со американското ембарго за Куба, нагласи дека „претседателот Обама е чесен човек“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.