| четврток, 6 декември 2018 |

На самитот во Панама се ракуваа Кастро и Обама

obama i kastro

Американскиот претседател Барак Обама и кубанскиот претседател Раул Кастро се ракуваа на регионалниот самит на американските земји кои започна во петокот навечер по локално време во Панама, симболично означувајќи ги обидите за обновување на односите меѓу идеолошките непријатели од времето на Студената војна.

Агенциите ги пренесоа снимките на кои Обама и Кастро разговараат во мала група челници на свеченото отворање на панамериканскиот самит во Панама, а претставници на Белата куќа потврдија дека претседателите се ракувале и кусо разговарале. „Тоа беше неформална средба и немаше содржински разговор меѓу претседателите“, рекол функционер за Reuters.

Дводневниот регионален самит беше отворен во присуство на триесетина шефови на држави. Овој собир „навистина има посебна димензија“, изјави на отворањето генералниот секретар на Организацијата на американските држави Хозе Мигуел Инсулза оценувајќи го како историски собирот на кој првпат на иста маса се најдоа шефови на 35 држави и влади.

Куба првпат се реши да учествува во работата на овој панамерикански самит, како резултат од затоплувањето на односите со САД. Хавана беше исклучена од работата и на Организацијата на американските држави (ОАC) уште во 1962 година. Во 2009 година организацијата ја укина одлуката за исклучувањето на Куба, но Хавана не го обнови своето членство во неа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top