Заврши истрагата за „Пуч“. Денешната последна изјава на Зоран Заев пред обвинителите траеше повеќе од 5 часа. Соочен со доказите четвртоосомничениот Заев, исплашен од наближувањето на судската постапка, не ги коментираше своите аргументи и одбраната. Излезе со став дека процесот треба да биде затворен, односно Пуч да нема судска завршница.
-Нашата одбрана е вистината за Македонија од почеток до крај комплетно искрена и исконска вистина за Македонија што со целиот овој процес денеска веќе толку очигледна толку јасна после увидот во доказите после изјавите и на сведоците и на осомничените е комплетно кристална чиста – изјави Заев пред Обвинителството.
По целиот процес на истрага во кој повеќе пати беше во Обвинителството, правеше увид во доказите и даваше свој исказ, Заев денеска единствено откри дека и тој поднел контра пријава за Груевски и Мијалков со која очекува наместо нему, обвинението за Пуч да им биде наменето на челниците на власта. Како што тврди Заев, Груевски и Мијалков сами се прислушувале, сами си подготвувале Пуч, односно сакале „да се симнат“ од власт и за тоа треба кривично да одговараат.
Заев на новинарско прашање посочи дека не ги познавал петто и шестоосомничените, оперативците во МВР кои се осомничени дека му ги дале прислушуваните разговори. Но во признанието на шестоосомничениот, како и во обелоденетата комуникација на Верушевски со петтоосомничениот јасно стои дека тие го вршеле прислушувањето по налог на Верушевски, а во еден разговор се наведува дека се што тие поседувале завршило кај Заев.
Тој пак сега одговорноста за нивното однесување ја пренасочува кај нив, иако од партискиот микрофон ги нарекува „Патриоти“ и добротвори.
-Јас петто и шестоосомничениот не ги познавам, начинот на нивно однесување е нивно однесување и нивна одговорност – рече Заев.
По денешното решение за затворање на истрагата обвинителите имаат рок од 15 дена да го состават и достават обвинителниот акт.
Со ова случајот Пуч се доближува до судницата во која, како што е најавено, транспарентно ќе треба да се води постапката за сериозните кривични дела кои им се ставаат на товар на осомничените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.