Европската банка за обнова и развој го објави својот нов извештај за условите за водење бизнис во источна Европа и средна Азија, кој покажува дека за македонските компании, најголема пречка во работата е нелојалната конкуренција од сивата економија која работи избегнувајќи го плаќањето на давачките. Меѓу главните забелешки во извештајот кој ЕБРД го изработува во соработка со Светската банка се и проблемите со пристапот до свеж капитал, транспоротната инфраструктура и проблеми со електричната дистрибуција. Во меѓувреме, извештајот покажува дека значително е подобрена состојбата со судството и тоа паѓа подолу на листата на проблеми на кои се жалат компаниите кои работат во Македонија.
Извештајот е подготвен со анкетирање на водечките менаџери на 15.500 компании кои работат во 29 држави, претежно во источна Европа. Притоа, во приближно една третина од државите, како и во Македонија, менаџерите ја посочуваат неформалната, сива економија како главна пречка со која се соочуваат во нивната работа. “Низ целиот овој регион кој минува во транзиција, најзначајна забелешка на менаџерите е нелојалната конкуренцијата од неформалниот сектор, каде нерегистрирани компании избегнуваат плаќање на даноците, пријавуваат помали приходи од реалните или ја кријат реалната бројка на вработени и со тоа избегнуваат плаќање на давачките”, пишува во извештајот. Втора најзначајна забелешка која ја имаат бизнисмените што работат во Македонија е тешкиот пристап до финансии, што е главна забелешка на менаџерите на компаниите од Хрватска, Русија и Ерменија. Поновите македонски компании исто така имале поплаки и на работата на даночната служба. Затоа пак, постарите, етаблирани компании во Македонија, немале толку проблем со пристап до капитал, но имале сериозни забелешки за работата на електродистрибутивната мрежа. Проблемите со добивањето на стабилно снабдување со електрична енергија било главен проблем во соседна Албанија, како и во Таџикистан и Узбекистан, кои исто така се опфатени од извештајот на ЕБРД и Светската банка.
Најголемите подобрувања, според извештајот, се во судството и во квалитетот на работната рака. “Најновата анкета покажува дека компаниите чувствуваат значително помалку проблеми во судскиот систем, како и во бирократските пречки како што се регистирање на нивните компании, вадење на дозволи за работа и наоѓање добро обучени работници. Подобрувањето во судството и во бирократските процедури доаѓа пред се како резултат на ангажманот на владите, кои ги подобруваат своите закони за деловно работење, во согласност со стандардите на Европската Унија, ги опремија судовите со електронски системи на водење на случаите и воведоа едношалтерски системи за регистрирање на компаниите”, пишува во извештајот на Европската банка за обнова и развој, со кој се опфатени Македонија и 28 други земји од источна Европа и Азија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уште сме на почетокот: Проблемите во економијата ќе продолжат да се продлабочуваат
-
Мерките на владата поразителни: Лелеци во текстилната и кожарската индустрија која вработува 40.000 луѓе
-
Ќе одите на одмор во Грција? Еве какви се цените…
-
ВМРО-ДПМНЕ: Економските политики на Владата се покажаа како погубни за македонската економија и бизнис секторот