| четврток, 6 декември 2018 |

Нов закон за стари возила

Продажбата на половни автомобили создаде нелојална конкуренција, со оглед на неплаќањето давачки кон државата, незадоволувањето ниту на минимум од многубројните законски прописи, сомнителноста во однос на километражата и општата состојба на возилата, немањето соодветни салони и локации за продажба на возила, немањето никаква постпродажна услуга или гаранција за купеното

Прво регистрирај фирма, па увезувај половни автомобили. Министерството за економија најавува дека се во подготовка нови законски измени на Законот за трговија, со кои би се оневозможила нелојалната конкуренција во однос на трговијата со автомобили. Тоа значи дека ќе се воведат правила на игра кои ќе важат за сите. Веќе нема да има продажба на црно и едни лица да се богатат на сметка на тие што чесно си го заработуваат лебот. Се очекува цените на половните автомобили да не се зголемат поради трошокот за регистрирање фирми бидејќи ако некој сака да продаде производ, ќе мора да биде конкурентен со цена. Досега автомобили на старо увезуваше и продаваше кој како ќе стигне, а физичките лица што продаваа возила во своја режија, целиот профит си го ставаа во свој џеб. Со новите законски измени, сите трговци за тоа ќе треба да ѝ платат и на државата. Тоа ќе воведе ред во оваа дејност. Воведувањето ред во делот на увоз и продажба на употребувани возила го поздравуваат регистрираните увозници на користени возила.

– Јас имам фирма и за тоа плаќам давачки кон државата и нормално дека не можев да одам под некое ниво на цени, за разлика од физичките лица што не плаќаа никакви давачки, па ги спуштаа цените. Ние не можевме да ги следиме, па муштериите ни бегаа. Со правилото секој што увезува и продава стари возила да регистрира фирма, сите ќе бидеме изедначени на пазарот и ќе можеме да работиме нормално – вели сопственик на плац за половни возила.

И дилерите на нови автомобили се задоволни бидејќи, според нив, на тој начин ќе се намали нелојалната конкуренција.

– Досега немаше речиси никаква регулатива за водење на овој бизнис. Беше доволно да имате неколку илјади евра, да увезете неколку автомобили од странство и да почнете бизнис. Од друга страна, увозниците на возила имаат регистрирано фирми во државата, имаат модерни салони и комплетно опремени сервисни центри за кои се платени комуналии и давачки на државата и во кои се исполнуваат строги законски норми за безбедност и здравје при работата. Овие фирми вработуваат голем број високоедуцирани кадри, задоволуваат сериозни стандарди. Ние имаме законска, но и принципиелна обврска да им обезбедиме на купувачите на нови возила комплетна грижа за возилото (сервис, резервни делови, врвно едуцирани инженери и сервисери), додека дилерите на половно возило најчесто ја применуваат клаузулата видено-купено. Нивната грижа за клиентот завршува во моментот кога ќе се потпише купопродажниот договор на нотар. Од тој аспект, сметам дека оваа конкуренција е нелојална, а услугата и нејзиниот квалитет неспоредливи – вели Зоран Дочински, комерцијален директор во „Аутомакедонија“.

Според него, секоја регулатива со која ќе се направи сериозен обид за воведување ред во автомобилскиот бизнис во земјата е добредојдена.

– Од друга страна, не верувам дека истата посериозно ќе се одрази врз нашето работење како увозник, дистрибутер и сервисер на нови возила во земјата. Можеби ќе се одрази на работата на дилерите на половни возила што веќе имаат регистрирано фирми. За нас е поважна регулативата со која треба да се зголемат минималните еколошки норми за увоз на половни автомобили – објаснува Дочински.

Од „Порше Македонија“ велат дека Законот за увоз на половни автомобили задал удар кој сериозно бил почувствуван во автомобилската индустрија уште во првите денови од неговото донесување, но и дека со новото законско решение ќе се воведе ред во оваа бранша.

– Бројките на нови продадени автомобили вртоглаво паѓаа надолу. Сепак, ние успеавме и во таа неповолна ситуација да научиме да опстоиме. Научивме да ги покажеме нашите квалитети пред увезените автомобили и успеавме да ги задржиме старите, а и да придобиеме нови клиенти. Препреките ги претворивме во предизвици и успеавме увозот на половни автомобили да го искористиме за да им ги покажеме на купувачите предностите на новиот автомобил наспроти недостатоците на половниот. Купувачите мошне лесно проценија што е добро за нив. Не сме точно запознаени со деталите на новиот закон, но, секако, мерката е за поздравување, со оглед на тоа дека ќе се намали бројот на лица што увезуваат автомобили, а со тоа и бројот на увезени автомобили, ќе се намали сивата економија, ќе се плаќаат давачките кон државата. Тие што ќе останат да се занимаваат со тој бизнис, сериозно ќе инвестираат во него. Секако дека очекуваме мерката да се одрази позитивно на целокупната автомобилска индустрија во земјава – смета генералниот директор на „Порше Македонија“, Златко Муцунски.

Според него, продажбата на половни автомобили создала нелојална конкуренција, со оглед на неплаќањето давачки кон државата, незадоволувањето ниту на минимум од многубројните законски прописи, сомнителноста што се однесува на километражата и општата состојба на возилата, немањето соодветни салони и локации за продажба на возилата, немањето никаква постпродажна услуга или гаранција за купеното.

– Но, не би рекол дека веќе станува збор за конкуренција. Купувачите научија дека на Запад нема толку баби колку што се увезоа автомобили кои се „гаражирани, возени еднаш седмично, со малку километри…“ и слично. Половните возила ги наполнија сервисите и ги чинеа нивните сопственици неколкукратно повеќе, да не го сметаме времето што наместо на пат, тие го поминаа во сервисите. Клиентите за кратко време увидоа дека нема полезност од купувањето половни автомобили и се вратија во нашите салони да побараат соодветно, безбедно, практично возило, кое ќе биде пријателски расположено и кон животната околина и кон домашниот буџет – нагласува Муцунски.

Во моментов трговијата со употребувани моторни возила се одвива во согласност со Законот за трговија и подзаконските акти донесени врз основа на истиот.

– Според постојните одредби,  трговија со употребувани мо­торни возила можат да вршат правни и физички лица што се регистрирани за трговија со употребувани моторни возила во Централниот регистар – објаснуваат од Министерството за економија.

Според Министерството, практиката покажала дека трговијата со употребувани моторни возила се вршела преку дилери регистрирани за трговија со употребувани моторни возила, но, исто така, се вршела и од страна на граѓани што вршат увоз на употребувани моторни возила за свои потреби, а потоа нив ги препродаваат на домашниот пазар.

– Тие лица не се регистрирани за трговија и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните дилери – велат од Министерството за економија, од каде што додаваат дека целта на Законот е да се оневозможи нелојалната конкуренција.

– Целта на Законот е преку вос­пос­тавување правна закон­ска рамка да се оневозможи нелојалната конкуренција при трговијата со употребувани моторни возила и да се постигне одреден напредок во сузбивањето на сивата  економија, како и да се создадат еднакви услови за вршење трговија со употребувани моторни возила – укажуваат од Министерството за економија.

Инаку, од почетокот на годинава важат нови правила за увоз на стари автомобили со нови повисоки стандарди кои придонесоа за преполовување на увозот во однос на истиот период од минатата година. Така, на пример, ако лани во јануари биле увезени 2.239 стари возила, годинава во јануари биле увезени 1.368 возила. Во февруари минатата година биле увезени 2.418 возила, а во февруари годинава 1.728 возила.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 135. број на неделникот „Република“, 3.04.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top