Од 1 јули годинава во земјава ќе можат да се увезуваат половни патнички автомобили само со стандарди Евро 4. Тоа значи дека тие возила ќе бидат со повисоки стандарди, но и со повисока цена. Сепак, автомобилите од поновата генерација, кои се вклопуваат во повисоките стандарди, ќе значат и помало загадување на воздухот, проблем со кој се соочуваат населените места. Цената на половните автомобили делумно може да порасне и поради проблемите со кои се соочуваат увозниците, а се врзани обезбедување потврда за потекло од ЕУ. Без таква потврда не може да се примени преференцијална царинска стапка, односно возилата ќе се царинат по редовна стапка, што, пак, дополнително ќе ја крене нивната цена. Сѐ на сѐ, увозниците на половни возила повикуваат граѓаните што сакаат да си купат поевтина автомобил, тоа да го направат сега, бидејќи изминува времето на евтини миленици на четири тркала.
– Од почетокот на јули веќе нема да можат да се увезуваат половни автомобили со стандарди Евро 3, што ќе значи увоз на автомобили од поново годиште, но и повисоки еколошки стандарди, што нормално со себе ќе повлекува и повисока цена. Значи времето на евтини автомобили е зад нас, а граѓаните што сѐ уште сакаат да купат нешто поевтин автомобил, имаат време тоа да го направат уште некој месец, односно додека не се потрошат возилата со стандарди Евро3, кои ќе можат да се увезуваат до крајот на јуни. Ефектот од мерката да се дозволи увоз на постари автомобили досега е постигнат, односно постигнат е социјалниот карактер на мерката и позитивно е унапреден и обновен возниот парк во земјава во однос на тој што беше присутен пред нејзино воведување. Сега на ред е завардување на еколошкиот момент, односно да се увезуваат возила што емитуваат помалку штетни гасови и помалку ја загадуваат околината – вели еден увозник на половни автомобили.
Возила со стандарди Евро 4 се увезуваат и сега, но од јули 2016 година веќе нема да можат да се увезуваат возила со стандарди Евро 3.
– Прописите за увоз на половни автомобили со стандард Евро 4 важат и сега, односно нема никакво ограничување на увозот на половни автомобили што го исполнуваат овој стандард, но од 1 јули 2016 година ќе биде забранет увоз на половни автомобили што исполнуваат стандарди Евро 3. Повисокиот стандард Евро 4 значи поквалитетни автомобили, кои се поскапи, а со тоа основицата за пресметка на давачките е повисока, но висината на давачките за увоз не се менува – информираат од Царинската управа на Македонија.
Од Министерството за економија објаснуваат дека во моментов стандардот Евро 4 е задолжителен за увоз на сите возила, освен патничките. Од 1 јули овој стандард ќе се применува и при увоз на патнички автомобили.
– Во Република Македонија до 30 јуни 2016 година можат да се увезат употребувани патнички возила од категоријата М1 (патнички автомобили), кои исполнуваат стандард Евро 3. Возилата од сите други категории возила за да се увезат во Република Македонија мора да исполнуваат најмалку стандард Евро 4. Од 1 јули 2016 година и возилата од категоријата М1 (патнички автомобили) за да се увезат ќе мораат да го исполнуваат минимум стандард Евро 4 – нагласуваат од Министерството за економија.
Инаку, половните возила по потекло од Германија што се увезуваат во земјава може да поскапат и поради тоа што некои извозници не издаваат потврди дека автомобилите се по потекло од Европската унија. Со потврдите досега се плаќаше еден отсто царина, а без потврда царината на половните возила ќе биде пет отсто. Тоа значи дека, во просек, за возило со вредност од 5.000 евра ќе се плаќа царина поскапа за 250 евра.
Од царината ни потврдуваат дека се запознаени дека некои увозници на половни автомобили се соочуваат со проблем при обезбедување на доказ за потекло.
– Инаку доказот за потекло е потребен за да се примени преференцијална стапка (0 отсто царина) при увоз на стока со потекло од Европска унија. Согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европска Унија пропишани се два вида на доказ за потекло: уверение за движење ЕУР. 1 и изјава во фактура. Уверението за движење ЕУР. 1 го издава странски царински орган за стока со потекло без разлика на вредноста. Доколку стоката со потекло е со вредност до 6.000 евра како доказ за потекло извозникот изработува изјава во фактура (строго пропишан текст во спогодбата, кој се наведува на фактурата и каде што е декларирано потеклото). Само со приложување на овие докази за потекло може да се примени преференцијална царинска стапка при увоз, во спротивно се применува редовна царинска стапка – информираат од царина.
Според последните официјални податоци на царината, во јануари годинава се увезени 1.695 половни возила, што е за 600 возила повеќе од истиот месец во 2015 година. Во 2015 година, пак, биле увезени 23.196 автомобили, што е 3.000 помалку од 2014 година, кога биле увезени 29.558 автомобили.
Надлежните органи, со цел да се избегнат непотребни трошоци и проблеми при увозот на моторни возила, на увозниците им препорачуваат особено да се внимава на исполнување на хомологациските услови. Царинската постапка се спроведува и давачките се плаќаат пред да се изврши техничкиот преглед за сообразност со хомологациските услови. Доколку возилото не ги исполнува овие услови, увозникот нема да може да го регистрира возилото и ќе се соочи со големи непотребни трошоци за негово враќање во странство. При царинење на возилото, неопходни се оригинална сообраќајна книшка за возилото, оригинална фактура, купопродажен договор или доколку увозникот подолго време го поседува возилото, изјава за вредност.
Доколку стоката е во вредност пониска од 6.000 евра, извозникот изработува изјава – фактура, строго пропишан текст каде што е наведено и декларирано потеклото. Само со приложување на овие докази има повластена даночна стапка. Ако нема документ, тоа ќе значи и повисока царина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.