Црногорски виор со шампионски манири и со неверојатно богата колекција на медали, трофеи и на индивидуални признанија, европски првак во клупска и во репрезентативна конкуренција, носителка на сребрен медал од Олимписките игри во Лондон, најдобро десно крило во Лигата на шампионите, член на идеалниот состав во истото натпреварување, двоен освојувач на ЕХФ купот и уште многу вредни признанија. Тоа е опусот на Јованка Радичевиќ, што многу спортисти само можат да го сонуваат. Девојката од Подгорица е роден победник, ракометарка што плени со ефектни голови, со брзина, со енергија, секогаш расположена, темпераментна, карактеристичен лик од нашите простори. По одличниот почеток на кариерата во матичниот клуб Будуќност од Подгорица, замина во Ѓер, па потоа во Вардар. И судбината сакаше нејзините два последни клуба да играат во четврт-финалето во ЛШ, за еден билет на завршниот турнир во Будимпешта. Со брилијантна претстава вардарки во Скопје го декласираа Ѓер со 24-18 и со предност од шест гола в сабота патуваат на реваншот во „Ауди арена“ во Ѓер.
Играше во Ѓер и добро ги познаваш состојбите кај актуелниот европски првак. Од каде доаѓа најголемата закана за Вардар во реваншот?
Радичевиќ: Играв две години во Ѓер и со нив ја освоив првата европска титула. Секако дека имам убави спомени од настапите во овој клуб. Знам дека ќе ме дочекаат како своја затоа што Ѓер има прекрасни навивачи, кои го сакаат и познаваат ракометот, но овој пат ќе дадам сѐ од себе за Вардар да биде конечен победник. Ѓер има огромна традиција, играше неколку полуфиналиња во Лигата на шампионите, а потоа стигнаа и двете европски круни и од тој аспект има предност. Ние по вторпат играме во ЛШ, но имаме индивидуално искуство, што го преточивме во вистинска тимска атмосфера за да го елиминираме Ѓер и да играме на завршниот турнир за титулата. Имаме шест гола предност, што во ракометот како динамична игра може да не значи многу. Брзо се прави и се топи разликата. Практично, имаме седум погодоци предност поради малиот број примени погодоци кои не смееме да ги браниме. Напротив, и во реваншот треба да играме сигурно, дисциплинирано и тактички зрело како во Скопје. Клуч на успехот е да ја репризираме одличната игра во одбраната од првиот меч. Ако одиграме на исто ниво, верувам дека ќе немаме проблеми ниту во реваншот.
Очекувате ли поголем притисок поради фактот што завршниот турнир за титулата се игра во Будимпешта. Велат тој без домаќинот Ѓер би бил неатрактивен за публиката, спонзорите, па и за ЕХФ. Стравувате ли од некакво неспортско сценарио?
Радичевиќ: Не смееме да размислуваме на тој начин, иако се присутни таквите приказни. Будимпешта ќе биде домаќин на завршните турнири до 2017 година. Не верувам дека тоа значи оти Ѓер секогаш да биде учесник на завршните турнири за титулата. Јас не гледам на тој начин и верувам дека не постои некакво сценарио во тој правец. Верувам во нашиот квалитет и во цврстата одбрана, што е заштитен знак и за репрезентацијата за која играм, за Црна Гора. Вардар покажа дека може да игра одлично во дефанзива, тоа го презентиравме и со Ѓер во Скопје и посакувам истото да го повториме во Ѓер. Големите првенства, медали и титули не се освојуваат без агресивна одбрана. Таквиот пристап ни овозможи и голови од контра и од полуконтра. Тоа за мене е приоритет, сѐ друго е споредно бидејќи не сакам да верувам во заткулисни игри. Верувам дека повторно кај нив ќе се почувствува неиграњето на трите клучни ракометарки, Горбиц, Аморим и Лунде. Тие беа меѓу носителите на игра и кога јас бев член на Ѓер и за нив отсуството на ова трио е голем хендикеп.
Лани беше најдобро десно крило во Лигата на шампионите и се најде во идеалниот состав. Ќе има ли реприза, но овојпат крунисана и со европска клупска титула?
Радичевиќ: Индивидуалните признанија се вредни, но многу подобро се чувствувате во тимски спортови кога целиот колектив игра добро и победува. И, секако, освојува титули и медали. Иако имам трофеј од Лигата на шампионите, искрено горам од желба за нова титула со Вардар. Тоа го заслужуваат ракометарките, навивачите и цела Македонија. Овде се живее за ракометот и искачувањето на врвот на Европа би било вистинска награда. Се надевам дека годинава ќе ги спојам двете признанија, и ланското индивидуално и тимското како европски првак со Вардар.
Може ли Вардар да направи историски успех и со два клуба во иста сезона да игра на завршен турнир. Таков подвиг не забележал ниту еден клуб досега. Какви се шансите на машкиот состав против Кјелце?
Радичевиќ: Јас сум позитивно изненадена како игра Вардар во машката ЛШ. Верувам во нив и би било штета да не се пласираат на завршниот турнир во Келн. Цела сезона играат феноменално, како тим функционираат извонредно. Имам голем респект кон Кјелце, таму играат врвни ракометари, но, според мене, Вардар има предност во неверојатниот тимски дух. Публиката е извонредна и верувам дека сабота ќе биде голем ден за Македонија и за сите на кои Вардар им е при срцето. Се надевам на двоен успех. Ние да го визираме настапот во Будимпешта, а нашите колеги од машкиот состав да го победат Кјелце на првиот меч.
Потекнуваш од извонредната ракометна школа на Будуќност. Една од најдобрите во женскиот ракомет. Од кого ги учеше ракометните вештини?
Радичевиќ: Кај мене некако се погоди ракометот да биде семејна традиција. Мајка ми играше за Будуќност во извонредната генерација на сестрите Мугоша, на Маја Булатовиќ, Ганиќ…. На нејзина иницијатива почнав да тренирам ракомет во Будуќност, кај Наташа Циганкова. Сакав да играм фудбал, но не добив дозвола од родителите. Ми велеа каков фудбал, тоа е машки спорт и ме одведоа на ракомет. На 15 години дебитирав во првиот состав на Будуќност, клуб што е синоним за успех во ракометот. Имав чест да играм со Маја Булатовиќ, Бојана Поповиќ, Маја Савиќ, Аница Ѓуровиќ, Сандра Колаковиќ…. Светски ѕвезди, кои несебично ни помагаа на нас, помладите. Кога играте покрај такви имиња, полесно е да напредувате по вистинскиот пат. Сите ги ценам исклучително, но ако морам да ги издвојам, тоа се Маја Булатовиќ и Бојана Поповиќ. Ракометарки со екстра-квалитет, но и со исклучителни лидерски карактеристики.
Почна со атлетика, но одлучи да продолжиш со ракомет. Во која дисциплина се натпреваруваше во кралицата на спортовите и колку ти помага тоа искуство во ракометот?
Радичевиќ: Јас би им препорачала на сите родители што сакаат децата да им спортуваат, почетоците да им бидат во некој од базичните спортови. Атлетика или гимнастика се мојот избор. Често ни приоѓаат родители и нѐ прашуваат која е идеалната возраст за децата да почнат да играат ракомет. Мојот совет е прво атлетика или гимнастика, па потоа колективен спорт. Основно е да научите правилно да трчате, да се движите, па потоа да тренирате спорт со топка. Јас почнав со атлетика и тренирав четири години, па потоа се префрлив на ракометот. Трчав на 800 и на 1.200 метри и дури и освоив медал на републичко натпреварување во машка конкуренција. За жал, немаше доволно девојки за трка на 1.200 метри, а јас бев упорна и иако не сакаа да ме пријават, трчав со машки и освоив сребрен медал. Ми останаа многу навики од тогаш што ми помогнаа во ракометната кариера. Преку атлетиката се стекнав со брзина, издржливост и со еластичност, кои се значајни сегменти во секој спорт.
Македонска снаа од Подгорица
Поранешниот голман на Вардар, сега во Турново, Дино Захов го освои срцето на 28-годишната ракометарка од Подгорица. Ќе биде македонска снаа, а Скопје е една од опциите за постојан престој на оваа спортска двојка по завршувањето на кариерата.
– Да, ќе бидам македонска снаа – на чист македонски јазик се шегува Радичевиќ.Но, најпрво да го елиминираме Ѓер, потоа и да се обидеме да го освоиме европскиот врв, додава извонредното десно крило на Вардар. Се најде во необична ситуација на фудбалскиот меч меѓу Вардар и Турново. Навива за Вардар, но и за својот иден сопруг Захов, кој бранеше за Турново. И има необичен одговор.
– Нека победи Вардар, а Дине да не прими гол – низ смеа вели Радичевиќ.Навивачите на Вардар очекуваат да ја видат препознатливата насмевка на темпераментната Црногорка со трофејот од Лигата на шампионите в раце, во мај во Будимпешта.
Разговараше: Зоран Поповски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со ракометарката Јованка Радичевиќ е објавено во 136. број на неделникот Република, 10.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.