Денот пред истекот на рокот за отплата на најновата транша на долгот кон кредиторите, грчкиот премиер Алексис Ципрас го помина во Москва кај претсетседателот на Русија, Владимир Путин, коментираат странските медиуми.
Ципрас итно мора да најде 458 милиони евра за ММФ и уште 700 милиони евра на име на грчките државни обврзници што ги имаат странски инвеститори, а потоа треба да ги убеди министрите за финансии на еврозоната да ѝ исплатат на Атина 7,2 милијарди евра од преостанатиот дел од кредитот.
ЕУ стравува дека токму Путин може да биде спасот во последен час за Ципрас, по цена Грција да стане некој вид тројански коњ во Унијата.
– Секоја држава има право да донесува одлуки во согласност со своите интереси – рече Путин по состанокот одговарајќи на прашање зошто Русија го применува трикот што ја решил Тројанската војна.
Рускиот претседател рекол дека Грција не барала финансиска помош, но дека со Ципрас разговарале за разни видови соработка, вклучувајќи и енергетика. Путин го спомна „големиот проект“ грчко-рускиот нафтовод без да даде некакви детали.
– Во рамките на тие планови можеме да обезбедиме заеми за одредени проекти – наведе Путин.
Рускиот претседател на почетокот на средбата наговестил дека Москва може да го укине ембаргото за увоз на храна од Грција. Тоа би било преседан кој би создал раздор на Западот затоа што со ембаргото не се погодени само грчките земјоделци, туку и норвешките рибари, полските овоштари и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.