Најавеното зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 10 проценти од јули годинава, ја доби поддршката од членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика кои ги прифатија во прво читање измените на Законот за социјална заштита.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека овие измени се во насока на значително зголемување на социјалната и постојаната парична помош за околу 36.000 семејства кои се материјално необезбедени и реално се во тешка состојба.
Средствата, како што рече Спасов, за ова зголемување од 112,4 милиони денари се обезбедени од буџетот на МТСП. Министерот најави дека Владата го продолжува трендот на зголемување на паричните трансфери кон најранливите категории и дека од 2006 година социјалната помош во просек е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46 проценти.
Појасни дека од јули годинава, иако претходно беше предвидено социјалната и постојаната парична помош да се зголемат за пет проценти, ќе биде за 10 проценти бидејќи за тоа е утврдено дека постојат услови и можности.
Спасов посочи дека социјалната помош во 2006 изнесувала 2.900 денари, во 2014 – 4.266 денари, а дека со зголемувањето ќе биде околу 4.700 денари, додека постојаната парична помош од 3.695 денари колку што изнесувала во 2006 достигнала до 5.392 до 2014 и дека со зголемувањето од јули таа ќе изнесува 5.931 денар.
Министерот Спасов истакна дека во четиригодишната програма на Владата планирано е и понатаму зголемување на социјалната и постојаната парична помош.
Тој појасни дека ова се само дел од мерките што Владата ги презема за ранливите категории и ги наведе мерките за отпис на долговите преку кои се отпишани една милијарда денари, потоа субвенционирање на електрична енергија за 10.000 семејства и др.
Предложените измени ги поздравија членовите на Комисијата. Благица Ласовска посочи дека зголемувањето доаѓа во вистинско време. – Наместо ветените пет проценти социјалната и постојаната парична помош ќе се зголемат за 10 проценти – рече Ласовска.
Слаѓана Митровска истакна дека ова е уште една од низата мерки што се преземени од 2006 година со цел да се подобри состојбата на најзагрозените категории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.