Заедничкиот концерт на „Новиот лондонски камерен хор“ („New London Chamber Choir“) и „Кројцер квартетот“ („Kreutzer Quartet“), насловен „Македонија сега!“, се одржа во салата „Винтонс гранд мјузик“, една од најстарите големи концертни сали во светот, која, и покрај неодамнешното реновирање, го задржа својот автентичен изглед. Смирено се втурнав низ тесната розова врата, која повеќе личи на врата од класичен паб, и преку тесниот ходник влегов во прекрасната сала. Дванаесетмесечното реновирање го вратило поранешниот изглед на зградата, а, што е најважно, акустиката внатре беше фантастична, опишува „Утрински весник“.
Гледалиштето беше исполнето до последно место, што беше изненадувачки со оглед на тоа што на концертот беше изведувана исклучиво современа музика од македонски композитори. Концертот го отвори делото „Стар фактори“ за гудачки квартет (2010) на Михајло Трандафиловски, напишано по нарачка од „Саут Лондон галери“, во изведба на „Кројцер квартетот“ во кој и самиот Трандафиловски членува како виолинист. Се чини дека при компонирање на композицијата, Трандафиловски ги зел предвид архитектурата и акустиката на галеријата, што можеше да се забележи низ контрастите на звучните бои и спротивставувањето на звуците со згусната и разретчена текстура, создавајќи кохезија во музичкото ткиво. Изведбата беше многу убедлива. „Новиот лондонски камерен хор“ и диригентот Клемент Пауерс го почнаа своето учество со праизведбата на композицијата „Маер Сетингс“ за 16 соло-гласови (2010) од Панде Шахов, напишана по трите песни на лондонскиот поет Ричард Маер – „Сон“, „Зимско утро“ и „Близу Арундел“. Композицијата успешно ги прикажа индивидуалните способности на членовите на НЛЦЦ, истакнувајќи ги прецизноста и суптилноста на полифонијата на музичкото ткиво на музиката на Шахов. Првите два става од композицијата „Три песни за повреденото човечко битие“ за мешан хор (2009/2011) на Евдокија Данајловска беа првпат изведени во Велика Британија, додека третиот став ја доживеа светската премиера. Композицијата е напишана врз поезијата на Рајнер Марија-Рилке од неговата „Книга на часовите: љубовни песни за Бога“, напишана по неговиот престој во Русија кон крајот на деведесеттите од 19 век. Композицијата е правена по нарачка на НЛЦЦ и е посветена на Мињаш Жугиќ, член на хорот и истовремено еден од раководителите на овој прекрасен ансамбл. „Брик-а-Брак“ (2001) за соло-виолина од Сони Петровски, изведена од анимираниот лидер на „Кројцер квартетот“ Питер Шепард Скервед, одлично се вклопи на крајот во првата половина од концертот. Со мотивите од традиционалната македонска музика, како и со интересното нестандардно штимање на виолината, композицијата потсети на изведба на музика со тамбури, гајди и тапани, како и на двогласно традиционално пеење. Беше јасно дека Скервед одлично ги познава традиционалните елементи на македонската музика и неговата изведба уште еднаш потврди дека тој е вистински амбасадор на македонската музика. Блескавата изведба на оваа виртуозна композиција заслужено доби громогласен аплауз. Идните студенти по композиција има многу што да научат од „Гудачки квартет оп. 58“ (1968) на Томислав Зографски – вистинско ремек-дело во литературата на гудачки квартети – што беше прекрасно изведено од мотивираните членови на „Кројцер квартетот“. Тоа дојде како изненадување, бидејќи Зографски се смета за една од клучните фигури во македонската музика на 20 век. Композицијата „Илуминации“ за гудачки квартет (2001) на Дарија Андовска што прв пат се изведе во Велика Британија донесе многу интересни елементи изразувајќи судир на духовното и световното. На мелодичниот вокал на виолончелистот Нил Хајер со зборовите „Господи возвах к ’Тебе, услиши мја“ му беа спротивставени агресивни удари со нога од страна на членовите на квартетот. Ако некој може да напише ваква зрела композиција уште како студент, тогаш не е ни чудо што Андовска неодамна беше наградена со „Виртуози“ за најдобар композитор. Концертот продолжи со световни теми, композицијата „Ехос“ за дванаесетогласен мешан хор (2010) на Мирослав Спасов што ја доживеа својата премиера во Британија. Композицијата, како што и самиот наслов сугерира, се занимава со „звукот“. Долгогодишното искуство на Спасов со електроакустична музика и трансформација на звук беше евидентно во мајсторството на звучни бои и нијанси низ целата композиција. „Орфеј на бесконечното“ за мешан хор (2012) на Валентина Велковска-Трајановска успешно ја доживеа својата праизведба. Композицијата е инспирирана од поетскиот израз на Јован Стрезовски особено од емоциналното богатство што тој го доловува преку Орфеј. Делото е структурирано околу Орфеовиот глас како израз на неговата „пуста душа“ претставено како борба, се’ до неговото конечно помирување со „бесконечноста“ во себе. Пишувано е по порачка од НЛЦЦ и е посветено на Мињаш Жугиќ. Финалната композиција на вечерта беше праизведбата на „Четири“ за мешан хор и гудачки квартет (2012) на Михајло Трандафиловски, единствена композиција што ги постави на сцена и НЛЦЦ и „Кројцер квартет“. Композицијата се базира на „Четири хаику“ на поетот Владимир Мартиновски, со контрастен композиторски пристап што ги зема предвид комбинацијата на гудачки квартет и хор, како и акустиката на „Вилтонс мјузик хол“ и го прикажа Трандафиловски како несекојдневна креативна личност – успешен виолинист и изведувач, како и повеќе од компетентен композитор. Делото предизвика огромна позитивна реакција кај публиката и го донесе концертот до „високо финале“. И ова беше нарачана од НЛЦЦ и посветено на Мињаш Жугиќ. Всушност, со особено задоволство би ја споменал улогата на Мињаш Жугиќ кој со својата енергија, страст и способности поставува многу висок стандард на континуирана промовирање на македонската музика. Покрај членување во НЛЦЦ, тој ја презема целосната уметничка и логистичка организација на концертот. Важно е да се спомене дека мнозинството од публиката што ја исполни салата до последното место не беа Македонци. Огромното мнозинство, всушност, беа Британци, што значи дека композициите добија нова публика, што веројатно е и могу добродојдено при промовирање на македонската музика и култура. Понатаму, беше многу убаво да се сретне во салата амбасадорот на Република Македонија во Кралството на Велика Британија и Северна Ирска, професорот д-р Јован Донев, кој иако од неодамна престојува во Лондон, најде време да покаже голем интерес за активностите на македонските државјани, особено на оние што се дел од културниот живот на Велика Британија. Прекрасно беше да се добие ваква поддршка од Македонија!
|
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.