Четири лица завршија во болница, а уште неколкумина се полесно повредени во групна тепачка што се случила во Охрид, околу еден часот во угостителски објект во центарот на градот. Едно лице со повреда на екстремитетите било згрижено во специјалната болница Св. Еразмо, а тројца со повреди на главата и телото биле примени на хируршкото одделение при општата болница.
Како што информираа од полицијата, на тепачката ѝ претходела вербална расправија помеѓу две групи која ја започнале лица во алкохолизирана состојба. Расправијата прераснала во жестока тепачка во која освен тупаници, биле употребени и чаши, шишиња и друг инвентар. Раскараните страни пресметката ја продолжиле и во охридската општа болница, каде се вклучил и родител на еден од учесниците во инцидентот. Притоа бил нападнат и повреден еден полициски службеник, кој по укажана лекарска помош бил пуштен на домашно лекување. Во пресметката која продолжила низ градот било употребено и огнено оружје.
Полицијата од слобода лиши шест лица од Охрид, за кои постои сомневање дека учествувале во нарушувањето на јавниот ред и мир. Во тек се мерки за целосно расветлување на немилиот настан по што, против учесниците ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од СВР Охрид.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.