| четврток, 6 декември 2018 |

Од утре Скопје – Женева за 40 евра

свис

Од скопскиот аеродром од утре почнува да се реализира авионската линија Скопје – Женева. Стартуваше со еден лет во неделата, а во текот на летната сезона се најавуваат два лета од Скопје кон Женева и обратно. Картата во еден правец ќе чини од 40 евра.

Директорот на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, на денешната промоција на новата директна авионска линија, која ќе ја опслужува швајцарската компанија „Свис“, рече дека таа е од интерес на иселениците од Македонија во оваа држава и дека ќе придонесе кон поттикнување на туризмот.

– Ова е трета понуда на поврзување на Скопје со Швајцарција. Покрај Базел и Цирих, сега се обновува линијата со Женева – рече Крстевски, кој додаде дека од почетокот на годината е забележан пораст за 29 отсто на бројот на патници и за 17 отсто операциите.

Како што посочи, во првите три месеци патувале 264.213 патници, а релаизирани се 2.932 полетувања и слетувања.

Бернард Водл, директор на „Свис“, на промоцијата изрази задоволство што успеале во нивната мрежа, која постојано ја прошируваат, да го воведат и Скопје.

Според него, со овој лет ќе се придонесе кон продлабочување на врските меѓу Македонија и Швајцарија.

– Скопје станува се поинтересна туристичка дестинација, како и Охрид, и на овој начин очекуваме Македонија да ја приближиме на Швајцарија – истакна Водл.

Тој додаде дека „Свис“ и натаму ќе продолжи да инвестира во своето присуство во централна и источна Европа.

Швајцарската компанија од скопскиот аериодром до Женева ќе оперира во вторник попладне.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top