| четврток, 6 декември 2018 |

Економијата и ЕУ главни теми на изборната кампања во Велика Британија

Предизборната кампања во Велика Британија почнува денеска и ќе трае во наредните 38 дена, сѐ до 7 мај, кога се одржуваат изборите за новиот состав на британскиот парламент.

Главните теми околу кои партиите и политичарите ќе водат најсилна дебата за привлекување на гласачите се економијата и политиката на скратување на буџетските трошоци, што го одбележи петгодишното управување на коалициската влада на конзервативците и на либералдемократите.

Иднината на јавното здравство (НХС) е традицонална тема на речиси секои избори во Велика Британија, па се очекува и на овие да се ветуваат разни варијанти за неговото подобрување. Сепак, во годинешнава кампања многу повеќе отколку за претходните неколку избори се очекува да се расправа за имиграцијата во земјата, како и за ЕУ, а посебно за идните британско-европски односи.

Во првата изјава откако беше распуштен британскиот Парламент, а парламентарни церемони со кои се одбележа завршувањето на работата на досегашниот пратенички состав се одржаа и во Единбург и Кардиф, премиерот Дејвид Камерон побара од Британците уште еден мандат за, како што рече, заокружување на неговата и владината работа за стабилизација на домашната економија.

-Британија сега е на вистискиот пат и една нова, ториевска влада ќе гарантира зголемена вработеност, помали даноци, повеќе луѓе со сопствени станови и куќи, подобро образование и достоинствени денови за старите луѓе и пензионерите, порача лидерот на Конзервативците.

На самиот старт од кампањата, Камерон ги предизвика лабуристите, предупредувајќи ги гласачите да внимаваат за кого ќе се определат затоа што, според него, лабуристите „може да ја одведат земјата во економски хаос“.

Нивниот лидер Ед Милибанд ги потсети британските гласачи дека под власта на ториевците, Британија го имаше „најбавното опоравување на економијата во изминатите 100 години“, што според него предизвика осиромашување на „обичните луѓе“.

Заложбите на Лабуристичката партија на овие избори ќе бидат зголемување на животниот стандард за работните луѓе, прекинување со кратењето на дефицитот и сигурна иднина за јавното здравство-рече Милибанд.

Лидерот на лабуристите, уште на стартот од кампањата, ја отвори темата за иднината на британското членство во ЕУ, остро обвинувајќи ги конзервативците дека работат на штета на британските интереси.

– Тие (ториевците) заговараат организирање референдум за излез од ЕУ, а тоа претставува голема закана за работните места во Велика Британија- порача Милибанд, ветувајќи дека наместо „бегство од Унијата“ лабуристите ќе ја вратат земјата меѓу водечките членки на ЕУ.

Либералните демократи на Ник Клег, актуелен заменик премиер во коалиционата влада, навести дека оваа партија која досега беше трета по бројот на пратениците во Вестминстер, ќе се бори да го освои центарот на домашната политичка сцена.

Досегашните прогнози на агенциите кои го истражуваат рејтингот на партиите, покажуваат дека и на овие избори, како и на претходните во мај 2010 година, ниту една партија нема да обезбеди доволно пратенички места за да може самата да формира влада.

Како претенденти за улогата на коалициони партнери, првпат се најавуваат две, досега маргинални партии-Шкотската национална партија (СНП) која во септември минатата година загуби на референдумот во Шкотска за отцепување од Велика Британија, што и сега е нејзина партиска определба, како и Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП) која заговара излегување на земјата од ЕУ и уште построга имиграциона политика, посебно кон имигрантите од Истокот на Унијата.

СНП која се верува дека може да победи кај шкотските гласачи, им нуди на лабуристите соработка, за како што велат „Милибанд да биде премие“ додека УКИП предлага сојуз со конзервативците, само доколку референдумот за напуштање на ЕУ се одржи идната година, а не до крајот на 2017, како што тоа го вети Камерон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top