| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот „Мариово офроуд експириенс“ по четврти пат во Прилепско

И оваа година во последниот викенд од мај, по четврти пат, ќе се одржи фестивалот „Мариово офроуд експириенс“ (Mariovo OFF-Road Experience), во селото Манастир, општина Прилеп. Организаторите од Здружението за унапредување на велосипедизмот „Велоевропа“ од Скопје очекуваат повеќе од 800 посетители.

Целата програма ќе биде изведена во трите дена од викендот. Во петокот ќе се случи отворањето на фестивалот, ќе бидат прикажувани кратки филмови со спортска содржина, ќе има изложба на фотографии од претходните години и мала забава на отворено. Саботата е резервирана за целодневна забава со диџеи и бенд, курс по самоодбрана, аеробик вежби, кратко предавање за готвење. Сите спортски активности ќе се одржат во неделата. Предвидено е да се изведат две МТБ тури, една тура за друмски велосипеди, спортско трчање, планинарење и аеробик.

– Оваа година првпат ќе се вози нова МТБ рута којашто ќе почнува од селото Манастир и ќе ги посети селата Чаниште, Рапеш и Зовиќ. Малата МТБ тура и спортското трчање ќе се изведат по стандардната рута, а планинарењето ќе оди од селото Манастир до Зовиќ и назад – изјави Слободан Трајковски од „Велоевропа“.

11015868_10153123713477114_1738838129_n

Пријавувањето е веќе во тек и картите можат да се купат во продажната мрежа на Купи карти за сè. Заинтересираните можат тековно да се информираат на настанот на Фејсбук MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE: ENTER THE WILDERNESS.

-За прв пат оваа година се направи и промоција на настанот надвор од Македонија и очекуваме голем број гости од балканските држави. Сè е подготвено за да го примиме големиот број на учесници кои ќе треба да се појават на стартот во 10 часот во неделата. Недопрената природа на Мариово заслужува да биде споделена со што е можно повеќе луѓе, изјави Слободан Трајковски.

Настанот е во организација на здружението ВЕЛОЕВРОПА, со огромна поддршка на Општина Прилеп и програмата на УСАИД за поддршка на мали бизниси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top