Од денеска, 30 март Националната установа Музеј на македонската борба – Скопје го отвора Музејот за посетителите секој ден вклучувајќи ги и понеделниците, освен првиот понеделник во месецот. Со новото работно време, Музејот им излегува во пресрет на бројните туристи од земјата и странство чиј интерес е особено голем во периодот од мај до октомври.
Музејот ќе биде отворен секој ден од 10 до 18 часот, освен првиот понеделник во месецот, кој ќе се користи за сервисни активности.
Од денеска Музејот нуди и дополнителна понуда за посетителите. Со секоја купена влезница за посета на Музејот може да се посети терасата-видиковец во „Порта Македонија“.
Во рамки на своите редовни активности, музејот во првата недела од април ќе ја реализира завршната изложба од проектот Музејот – пријател на децата. Овој проект кој почна со реализација во септември 2014 г. опфати двеста ученици од повеќе училишта од Македонија, а на завршниот дел ќе бидат доделени награди и признанија за учесниците, информираат од Музејот.
Музејот на македонската борба ја организира изложбата Македонските национални носии на разгледниците 1890-1950 г. – македонскиот фолклор и идентитетот во Загреб, Република Хрватска. Изложбата ќе биде поставена во галеријата Етно-арт, а отворањето е закажано за 16 април. Во рамки на изложбените активности во мај се планирани две изложби во Музејот на македонската борба – по повод 70 години од Црвениот крст на Македонија и по повод Денот на сесловенските просветители – Св. Кирил и Методиј.
Музејот на македонската борба е македонски кандидат за наградата „Жива“ во организација на Форумот на словенските култури со седиште во Љубљана. Наградата се доделува на најдобриот музеј во словенските земји, а годинава се очекува учество на институции од 14 земји. Официјалните кандидатури ќе бидат објавени во Санкт Петерсбург, Русија во средината на мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на проектот Отворени музеи во рамки на 2018 – Европската година на културно наследство
-
Влезниците во Вараждин „пламнаа“ за миг, за 100 евра карта и превоз преку туристичка агенција
-
Изложба на документи и фотографии „Русите во Македонија (1920-1940)
-
Картофилска изложба во Музеј на македонската борба