Македонските кајакари се наоѓаат пред голем предизвик во година во која има неколку големи натпреварувања, како загревање за Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година. На олимписката норма ќе се атакува во септември во Лондон на планетарниот шампионат, претходно во мај е Европското првенство во Лајпциг, а одисејата што би се крунисала со настап во Бразил в година на ЛОИ почнува викендов на Матка. На патеката покрај Скопје прво ќе се одржи изборно натпреварување во македонски рамки за место во нашата репрезентација за кајак на диви води, а потоа на 4 и на 5 април е традиционалниот Илинденски кајак слалом, или популарно наречен ИКАС. Матка нуди голем предизвик, за најдобрите пат за Лајпциг и за Лондон, а за сениорите до 23 години и за јуниорите настап на младинското Европско првенство во Краков. Апсолутни фаворити нема, ќе има голема битка на околу 30 македонски кајакари за место во националната селекција.
Велешкото дуо Љубомир Спасиќ и Александар Златаров, како претставници на различни генерации, беа гости на „Република“ непосредно пред изборниот натпревар викендов на Матка. Велес е еден од центрите на овој спорт во Македонија, со богата традиција и успеси и со добри натпреварувачи.
– Велес секогаш бил Мека на кајакот во Македонија и имал одлични натпреварувачи и репрезентативци. Кај нас има четири клуба што покажува дека има интерес за овој спорт. Децата почнуваат уште од училишните денови да се дружат со кајакот, како што и јас се вљубив во овој динамичен и атрактивен спорт. Сонот, секако, ми е да учествувам на олимписки игри и се надевам дека целта ќе ја остварам веќе со учество на следните игри во Рио де Жанеиро во 2016 година. Тргнувам од македонскиот изборен натпревар за место во репрезентацијата, од квалификациите на Матка, па се надевам дека ќе патувам за Лондон на Светско првенство, каде што би се натпреварувал за олимписка норма. Нешто што е сон на секој спортист – вели Спасиќ. Тој ќе се натпреварува во К1 во сениорска конкуренција. Помладиот Златаров ќе се обиде да биде меѓу најдобрите во конкуренција на сениори до 23 години и во јуниорска конкуренција. Има само 18 години и негова цел е настап на Европското младинско првенство во Краков, Полска.
– Се надевам дека повторно ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија. Учествував на Европскиот шампионат што го организиравме на Матка лани, а националните бои ги бранев и на Светското првенство во Словачка во 2013 година. Се надевам дека ќе се изборам за хет-трик и дека ќе патувам и за Краков. Посебно е чувството кога си репрезентативец и ќе дадам максимум низ витешка битка со моите колеги да се изборам за место во националната селекција – вели Златаров.
Македонија секогаш имала таленти во овој спорт, а кајакот на диви води е меѓу водечките индивидуални спортови кај нас според бројот на учества на Олимписките игри. Лазар Поповски дури четирипати беше дел од најдобрите олимпијци на планетата. По него и Атанас Николовски се избори за настап на ЛОИ во Пекинг во 2008 година. На ред е новата генерација да ги повтори успесите на дуото Поповски – Николовски, кои имаа забележителни настапи и на светските шампионати. Време е за некои нови момци во К1, предводени од Спасиќ, Златаров, Брежански, Делиев, Мирчевски, Стефановски, Велков…
Изборниот натпревар за место во македонската репрезентација што прво ќе учествува на Европското првенство во Лајпциг во мај и потоа на Светскиот шампионат во Лондон во септември ќе се одржи викендов на патеката покрај Скопје на Матка. Ќе учествуваат триесетина домашни кајакари, кои потоа ќе се натпреваруваат и на Илинденскиот кајак слалом на истата патека.
Програмата за македонските кајакари на диви води е згусната. Две седмици ќе се вози на Матка, прво со изборен натпревар, па потоа и со традиционалниот Илинденски кајак слалом или познатиот ИКАС. Следува ЕП за сениори во Лајпциг, па ЕП за сениори до 23 години и за јуниори во Краков, за на крајот да дојде ред за големото финале и за СП во Лондон. Кој ќе стаса до главниот град на Англија ќе има шанса за битка за олимписка норма. Македонија е влезена во таканаречената „Развојна програма“ на Светската кајакарска федерација и можно е да добие и „вајлд карта“ за еден натпреварувач, кој би патувал за Рио де Жанеиро на ЛОИ 2016 година.
– Реално имаме некакви шанси, иако во Лондон ќе биде кремот на овој спорт. Таму ќе биде главната распределба на местата што водат за Рио на Олимписките игри. На шампионатот ќе има 50-60 врвни натпреварувачи со иста цел, да се биде меѓу најдобрите, односно да се освои медал и притоа и да се избори олимписката норма. Се надевам дека некој од нас ќе тргне по патеките на нашиот учител Атанас Николовски, кој има остварено олимписка норма. Неговиот подвиг и седмото место на Светското првенство во 2010 година е голем предизвик за сите нас. Цел што е висока, но се надевам и достижна веќе во Лајпциг на Европското првенство или во Лондон на планетарниот собир – вели Спасиќ.
Македонија на сите три големи натпреварувања што ќе се одржат во Лајпциг, Краков и во Лондон ќе има претставници и во поединечна конкуренција и екипно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.