Нови олеснувања за остварување на правото на исплата на боледувања и породилно отсуство, реализирани во рамки на Владиниот проект „Побрза исплата на надоместоци за боледување и породилно отсуство“, најави денеска в.д.директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Кристина Христова.
– Од 15 март стапија во сила измените на Законот за работни односи со кои се овозможува на осигурените лица на кои им престанал договорот за вработување на определено време, Фондот да продолжи да им го исплаќа надоместокот на плата, за време на породилното отсуство. Доколку работодавецот не им го продолжи договорот за работа, тие имаат право на надоместок од Фондот, за породилно отсуство за негово целосно времетраење – рече Христова.
Посочи дека за сите нови барања за породилно отсуство поднесени од 16 март важат досегашните законски одредби за остварување на правото, но сега со загарантиран надомест за лицата вработени на определено време.
– Следна новина и олеснување за осигурениците која е во собраниска процедура, се однесува на тоа дека за време на боледување или породилно отсуство, Фондот ќе продолжи да го исплаќа надоместокот за боледување или породилно, без оглед кога и дали работодавецот го исплатил придонесот за здравствено осигурување за останатите вработени во фирмата, нагласи Христова.
Додаде дека тоа значи дека доколку осигуреникот е на боледување или породилно, Фондот стекнатото право ќе го применува целосно за разлика од досегашното решение, кога исплата на надоместокот зависи од навремената уплата за здравствено осигурување на сите вработени.
Вториот в.д. директор на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека паралелно со законските измени, Фондот работи и на воведување административни олеснувања во постапката за барање на надомест за боледување или породилно, кое планираат од мај да може да се поднесе и електронски, преку веб порталот на Фондот.
Христова истакна дека барањето за породилно, покрај осигуреникот и работодавецот, може да го поднесат и матичниот гинеколог или здравствената установа каде е извршено породувањето.
Од ФЗОМ појаснуваат дека целта е да се скрати времето на чекање за првата исплата на породилното отсуство, а сите останати потребни документи како: извод, ИСР образец, отпусно писмо, се планира Фондот по службена должност електронски да ги добива од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Управата за водење на евиденција на матични книги и здравствените установи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.