| четврток, 6 декември 2018 |

АЕК апелира корисниците на припејд да ги регистрираат броевите

aek logo

Агенцијата за електронски комуникации апелира сите корисници на припејд- броеви во следниот период да ги регистрираат своите броеви заради лична безбедност и заради безбедноста на сите граѓани на Македонија.

Со проектот за регистрација на сите корисници на припејд-броеви во земјава, што АЕК го почна неодамна во соработка со мобилните оператори „Т-мобиле“, „Оне“ и „Вип“, веќе е надмината практикатаа со која до пред извесно време секој можеше да отиде до најблиската трафика или продажен салон на кој било од трите мобилни оператори и да купи СИМ-картичка со  припејд-број без притоа да остави какви било лични податоци.

– Веќе не може да се купи СИМ-картичка со припејд-број без да се остават лични податоци на корисникот. Причината за почнување на овој проект се податоците и искуствата кои покажуваат дека користењето нерегистрирани припејд-картички знае да предизвика несакани последици. Неретко истите овие припејд-картички се злоупотребуваат, се користат како анонимни броеви и ја нарушуваат безбедноста на голем број граѓани – соопштија од АЕК денеска.

Регистрацијата може да се изврши со идентификување на претплатникот на продажното место со проверка на податоците од оригинален и валиден документ за идентификација, повикување од страна на претплатникот на посебно утврден број, на кој ќе може да ги наведе бараните податоци (Т-мобиле – 1233, Оне – 14181, Вип – 140150), испраќање на податоците од страна на претплатникот преку кратка текстуална порака на посебно утврден број, внесување на податоците од страна на претплатникот преку соодветна веб-страница (веб-портал) или друг начин утврден од операторите и/или давателите на услуги.

– Преку спроведување на проектот уште повеќе ќе се унапреди пазарот на електронски комуникации, ќе се зголеми нивото на безбедност на граѓаните, а Македонија ќе се приклучи кон голем број земји од регионот и Европа кои веќе имаат во целост спроведено таков проект. Важно е сите корисници на припејд- броеви да покажат поддршка на овој проект и навреме да се регистрираат бидејќи регистрирањето на припејд-броевите е за општо добро – се вели во соопштението на АЕК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top