| четврток, 6 декември 2018 |

Развојот на туризмот обезбедува девизен прилив и нови вработувања

туристи2

Министерот за економија Беким Незири, кој е во официјална посета на Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН) со седиште во Мадрид денеска се сретна со Генералниот секретар Талеб Рифаи. На средбата доби целосна поддршка за развој на туризмот во Македонија.

Првата посета на македонски министер на седиштето на Светската туристичка организација при ОН, од 1995 година откако Република Македонија стана членка на оваа организација, Незири ја искористи за да ги презентира позитивните резултати од вложените мерки за развој на туризмот во земјава и планираните активности за оваа година.

– Податоците покажуваат дека константно се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и на вкупниот број на туристи и ноќевања воопшто, па изминативе осум години зголемувањето е 98 отсто, а вкупниот број на туристи забележува раст од 40 отсто. Успеавме да обезбедиме и зголемување на остварениот девизен прилив, кој во 2014 година изнесува 146 милиони долари и бележи зголемување за 7,25 отсто во споредба со претходната година – рече Незири.

Тој прецизира дека во минатата година во туризмот се вложиле 2,3 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува растот на инвестициите да биде поголем за 10 проценти.

– Лани во земјата беа вработени околу 10.000 лица во туризмот, што претставува зголемување на учеството во БДП од 1,9 проценти. Заедно со дејностите кои се поврзани со туризмот, во Македонија лани се вработени дополнителни 32.500 лица – појасни Незири.

Тој потенцираше дека сите позитивни ефекти се резултат од бројните мерки насочени кон промоција и поддршка на туризмот, како и субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авиолетовите на ниско буџетните компании.

Незири го запозна Рифаи и за планираното изготвување на нова стратегија за развој на туризмот за периодот 2016-2021 година, која ќе има за цел имплементација на нови трендови во туризмот, за туристичките зони, за активностите кои произлегуваат од Програмата за развој на туризмот за оваа година, како и за конференцијата за вински туризам и регионалната конференција за туризам чиј домаќин е Македонија.

Генералниот секретар Рифаи изрази огромно задоволство од резултатите и плановите за развој на туризмот во Република Македонија.

– Сето ова многу ветува. Инвестициите во туризмот се големи, како и бројот на отворени работни места во овој и во придружните сектори. Формирањето на слободните туристички зони е храбар чекор, бидејќи како земја се наоѓате во многу активен регион од туристички аспект – изјави Рафаи.

Затоа, нагласи, и ќе ја имате целата наша поддршка, и од технички и од политички аспект, секогаш кога ќе ви е потребна.

– Техничката поддршка ќе можете да ја искористите и за обучување на кадар за сите идни ваши активности, а ќе ја имате нашата поддршка за сите ваши пораки кои сакате да ги испратите до соседите и останатите земји во светот – потенцира Рифаи.

За време на работната посета на Светската туристичка организација при ОН министерот Незири се сретна и со регионалната директорка за Европа, Изабел Гарана, како и со програмските директори за пазарни трендови во туризмот, одржлив развој, техничка соработка и статистика и сателитска сметка за туризам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top