| четврток, 6 декември 2018 |

„И понатаму Алис“ во кината во Македонија

se uste alice

Трогателното филмско остварување „И понатаму Алис“, кое ја преиспитува силата на жената и семејството, од утре ќе се најде на репертоарот на кината во Македонија. Главната улога во филмот „И понатаму Алис“ ја игра извонредната Џулиен Мур, која токму за овој филм, покрај бројните други награди (Златен глобус, БАФТА…) е наградена со Оскар за најдобра главна женска улога. Филмот се базира на романот на Лиса Џенова, а го режираа Вош Вестморленд и неодамна починатиот Ричард Глејчер.

Мур го толкува ликот на 50-годишна реномирана професорка по лингвистика на Универзитетот Колумбија, која на предавањата почнува да го губи текот на мислите, а во една ситуација додека џогира буквално не знае каде се наоѓа. Повременото губење на паметењето и заборавањето на зборови ја доведува кај невролог кој поставува дијагноза – ран стадиум на Алцхајмер. На почетокот Алцхајмерот значи губење по улиците на Менхетн, но набрзо – премногу брзо за нејзиниот маж (Алек Болдвин) и трите возрасни деца – значи и многу повеќе. Иако новата состојба го става нејзиниот брак на тест, Алис добива можност повторно да се зближи со најмладата ќерка Лидија (Кирстен Стјуарт) со која никогаш не се согласувала.

Во обраќањето по повод Оскарот за главна женска улога во филмот „И понатаму Алис“, Џулиен Мур истакна дека филмот фрла светлина на Алцхајмеровата болест и дека луѓето со Алцхајмер заслужуваат да бидат видени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top