Нема повеќе различно димензионирани излози на ист тип занаетчиски дуќани во Старата чаршија, едни со дрвени ќепенци, а други со пластични ролетни, објави „Утрински весник“. Нема да има ниту букви со различна големина и различно осветлување на фирмите на дуќанџиите. Разноликоста и шаренилото на излозите ќе бидат заменети со унифицирани излози по големина, и тоа за златарите, за угостителите и за сите други занаетчии. Покрај тоа, по еден урнек, користејќи исти симболи и големина на букви, ќе се испишуваат и рекламите во чаршијата. Како што пишува Утрински, идејата доаѓа од Министерството за економија, а е во согласност со Програмата за развој на туризмот.
На дуќанџиите кои меѓу првите ќе сакаат да ги уредат излозите, или да изработат реклами или, пак, да ги испишат фирмите според избраните идејни решенија, Министерството за економија ќе им додели субвенции во висина од 100 до 1.000 евра. Реализацијата на проектот ќе се одвива во соработка со Општината Чаир, Градот Скопје и Министерството за култура, кое е надлежно за зачувување на традицијата, духот и културата на Старата чаршија.
„Идејата е типски да се уредат златарниците, дуќаните за чанти, кујунџиските дуќани и на свој начин да се окарактеризираат угостителските објекти. Сето тоа со строго утврдени димензии на големината на излогот, на знаците, буквите, осветлувањето, се’ мора да има карактер за да се зачува автентичноста на Чаршијата. Не може како досега еден златарски дуќан да има излог пет на пет метри, а друг три на три. Токму затоа бараме унифицирање и автентични решенија за секој занает одделно. По 20 април, десет дена ќе ги разгледуваме пристигнатите решенија. Ако првонаграденото идејно решение го користиме за златарите, второто може, на пример, да биде искористено како модел за угостителските дуќани и слично“, вели Беким Хаџиу, раководител на програмата за развој на туризмот во Министерството за економија.
Од таму додаваат дека оваа идеја е, всушност, продолжение на идејата за сигнализација и осветлување на Старата чаршија. Идејата подоцна ќе продолжи да се применува и во чаршиите во другите градови, Битола, Охрид…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.