Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, преку својата официјална веб-страница, го обелодени стартот на нов проект – Ракометниот камп „Кире Лазаров“ кој годинава ќе се одржи за прв пат, во Охрид во периодот од 22 до 28 јуни.
Членот на Барселона постигнал договор со агенцијата за спортски маркетинг, консалтинг и менаџмент „КМГ Спорт”, да биде нејзино заштитно лице, а КМГ Спорт да биде организатор на овој камп. Идеајата е овој камп да стане традиција и да се одржува секое лето, помагајќи им на младите да навлезат во тајните на ракометната игра, предводени од советите на најдобриот македонски ракометари.
„Се чувствувам среќен и возбуден што можам да Ве информирам дека овој јуни конечно ќе го организирам мојот прв ракометен камп за момчиња и девојчиња од 10-17 години во соработка со агенцијата за маркетинг, менаџмент и консалтинг КМГ СПОРТ, чие заштитно лице ќе бидам во наредниот период. Овој камп ќе биде несомнено мојата најдобра спортска инвестиција во било која сфера во животот, инвестиција во младите. Подготвен сум да одвојам време, подготвен сум цело мое знаење и искуство стекнато во текот на кариерата да го пренесам на младите во мојата родна Македонија. Спортот е нашиот најголем амбасадор во текот на целото наше постоење, а ракометот е спорт број 1 во Македонија.
Зошто ракометен камп?
Затоа што на младите ракометари, а и оние кои сеуште не се гледаат во него им треба надоградба, квалитетно школување, спортска култура, начин на исхрана, спортска психологија, квалитетен тренинг, а се со цел да прераснат во врвни ракометари кои во иднина со гордост ќе го носат дресот со националните обележја. Секако дека покрај спортските тренинзи на кампот ќе има многу дружење и забава. Ќе се потрудам на кампот да ги донесам најдобрите и најголемите ракометни имиња кои им се идоли, но и од кои нашите момчиња и девојчиња ќе имаат што да научат.До следното видување со повеќе и поконкретни информации…“, со соопштение го најави новиот спортски потфат Кирил Лазаров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.