| четврток, 6 декември 2018 |

Откриено нацистичко засолниште во џунгла во Аргентина (ВИДЕО)

Ова не е познатото Волчјо дувло на Хитлер, но научниците се подеднакво возбудени од откритието на нацистичкиот бункер скриен во џунглата во Аргетина. Се верува дека овој бункер е изграден за во него да се сместат челниците на нацаистичкиот режим во случај да ја изгубат војната.

zasolnishteee-650x388

Истражувачите од Универзитетот во Буенос Аирес, заедно со археолозите од музејот Андрес Гуакурари, наидоа на рушевините на овој бункер.

Тимот научници ја проучува градбата која се наоѓа на тешко достапен терен, на границата со Парагвај.

Се работи за градба со три камени структури, кои во моментов се прекриени со винова лоза: станува збор за простории за живеење, магацин и трет објект кој најверојатно служел како полускриена просторија.

Се верува дека местото е избрано поради стратешки цели: има панорамски поглед, а исто така оттаму може мошне лесно да се избега во соседен Парагвај, доколку има потреба за брзо напуштање на земјата.

Според научниците објектот е изграден во првата половина од 1940-тите, а на терен биле најдени германски монети од периодот помеѓу 1938 и 1944 година, како и порцелан кој датира од истиот период.

Иако, засега објаснувањата за нацистичкото потекло на објектот се посредни, истражувачите веруваат дека не постои друго објаснување кој друг би вложил толку напор и пари за да изгради објект на место кое било речиси недостапно во тој период. Архитектурата и материјалот што е користен за изградба се карактеристични за регионот.

nacistiii_2-300x215

Според истражувачите челниците на нацизмот никогаш не успеале да го користат засолништето. Според доказите најдени на терен, нацистите биле присутни само во време на изградбата на објектот.

– Некаде на средина на Втората Светска војна, нацистите имале таен проект за изградба на засолништа за лидерите, во случај на пораз – недостапни области, во пустини, планини, на карпи или во сред џунгла како овде, вели Даниел Шавелзон, предводник на тимот научници, кој поминал неколку месеци, истражувајќи го локалитетот.

Според локалните легенди, Мартин Борман, еден од најблиските соработници на Хитлер и претседател на нацистичката партија, се обидел да избега во оваа џунгла.

По Војната, на илјадници германски нацисти и италијански фашисти им било дозволено да побегнат од судењата во Европа, кога претседателот Џуан Доминго Перон ги прифатил со „отворени раце“. Се претпоставува дека околу 5.000 нацисти побегнале во Аргентина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top