По европратениците Елмар Брок, Кристијан Дан Преда и Кнут Флекенштајн, искусниот словачки пратеник во Европарламентот, Едвард Кукан, на денешната дебата за политичка култура во Европарламентот во Брисел на опозиционерите од Македонија и Албанија им порача дека како опозиција мора да разберат дека некогаш се победува, но и дека некогаш се губи и дека не е срамно да се биде во опозиција.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, на дебатата на која присуствуваат пратеници од парламентите на змејите од Западен Балкан, посочи дека му се чини оти во некои земји од Западниот Балкан, улогата на опозицијата не се гледа правилно.
– Ако се изгубат избори и ако се најдете во опозиција, луѓето тоа го гледаат како срам, неуспех и на секој начин се обидуваат да го променат тоа. Ние во Словачка, улогата на опозицијата не ја гледаме така. Во сите демократски општества има легитимен простор за активностите на опозицијата. Нема срам во тоа да се биде опозиција. Тоа е политичкиот живот, некогаш се добива, некогаш се губи. Не знам како ќе се промени таа перцепција, но улогата на опозицијата во земјите и во сите општества мора да се промени, беше дециден Кукан.
Словакот додаде и дека кога сте во опозиција, имате време да ја градите партијата и да правите добри работи и посочи дека “улогата на опозицијата како опозиција не е трагедија и крај на светот”. Искусниот европратеник, денеска рече и дека учеството на сите политички сили во парламентарната работа е суштина на демократијата и дека тоа е принципот до кој се придржуваат во Европскиот парламент.
– Сведоци сме на влошување на ситуацијата во регионот и на поларизирани односи меѓу лидерите во Македонија, Албанија и Косово, што е погрешно. Без функционален парламент, земјата не може да функционира како што треба. Така реформите се сопираат. Работата на парламентарецот е да ги застапува своите граѓани и тоа не може да се постигне ако не се присуствува на седниците. И државните институции треба да дејствуваат независно и без политичко мешање, порача Едвард Кукан.
Според поранешнио шеф на словачката дипломатија, политичката култура во парламентарната соработка е важна за земјата и тоа не се учи и треба да е плод на внатрешно и искрено убедување. Тој порача дека политичката култура во земјите-членки и земји-кандидати не е бојкот на парламентот, не е антагонизирање на противникот, не е неосновани обвинувања, не е шпионирање на граѓаните, не е влијание врз независноста на институциите, не е култивирање средина на самоцензура на општеството и новинарите.
– Бојкотот на парламентите во Албанија и Македонија, како и постизборните ќорсокаци на Косово и БиХ не загрижуваат во ЕП и сериозно го разбираме истото. Интеграцискиот процес бара генерален консензус на целиот политички спектар, како и ефикасна работа на парламентот. Токму парламентот е арена за размена на мислење и бојкотите се контра-продуктивни и водат кон одложување на реформите и интеграциите, истакна Кукан.
Според словачкиот европратеник, има два водечки принципа во секое успешно решавање на парламентарен ќорсокак. Како прво, тој посочи дека е искрената посветеност од власта и опозицијата и како второ – почитување на постигнатите договори. Само кога ќе се исполнат овие услови, Кукан посочи дека е можен излез од тешката ситуација и дека колку е поотворена и поискрена дискусијата, тоа е подобро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.