Меѓународниот саем за мебел, годинава изненадува со исполнетост на сиот капацитет.
-Во седум саемски хали се распослани 160 изложувачи. Претставени се компании од Македонија, Италија, Бугарија, Грција, Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Косово, Австрија и од Чешка, а компаниите од Турција ќе имаат заеднички настап. Дваесет проценти од изложувачите се од странство, а се зголемува и бројот на домашни производители на мебел. Според најавите на компаниите, ќе се предочат најнови трендови во производството на мебел за дом, за кујни, бањи, спални, детски соби, канцеларии, мебел за јавни објекти, за индустрија и слично, рече Магдалена Хамбова, оперативен директор на Скопски саем.
Минатата година Саемот за мебел го посетиле преку 50.000 посетители, а оваа година се очекуваат во шесте саемски дена да се привлечат поголем број посетители.
За времетраење на „Мебел 2013“, до 31 март, во управната зграда на Скопски саем ќе биде отворена изложба на антиквитетен мебел и уметнички слики организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН.
-Ова е можност за сите да видат каков е моменталниот светски тренд на мебел и дизајн, дирекнто пренесен на овогодинешниот саем за мебел. Она што е актуелно и модерно на европскиот пазар за мебел, ќе биде презентирано и пред сите посетители кои деновиве ќе го посетат Скопски саем. За изложувачите Скопски саем традиционално организира конкурс за најдобри експонати на саемот по различни категории во класа на производители и класа на трговци. Изборот го врши стручна комисија во која се вклучени и професори од Факултетот за дизајн и технологија за мебел, Архитектонски факултет, како и претставници на Асоцијацијата на архитекти, Министерството за економија и Кластерот на дрвната индустрија на Македонија, потенцираше Хамбова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.