Како еден од ретките примери дека со талент и со работа на него може да се успее, без разлика од каде доаѓате, Катарина Ивановска е многу повеќе од само убава жена. Таа е вљубеник во спортот, забавата и во животот, а од неодамна ја покажува и својата хумана страна со основањето на фондацијата „Катарина Ивановска“.
Периодов е еден од ретките кога си дома, подготвуваш ли нешто посебно?
Ивановска: Во Македонија моментно не подготвувам ништо, дојдов да се одморам затоа што веќе одамна не ги работам ревиите, а во март се, нели, ревиите во Милано, Њујорк и во Париз, така што и јас да земам малку здив и да ги наполнам батериите со најблиските. Заминувам за десет дена во Сан Франциско, каде што ќе работам на еден проект, односно еден мал филм, во соработка со еден мој драг пријател, кој е од Македонија, но живее и работи во Сан Франциско како уметник.
Значи со ќеф продолжуваш и со глума? Како реагираа таму кога го погледнаа „Трето полувреме“?
Ивановска: Имав можност да патувам речиси насекаде низ САД со филмот и морам да кажам дека реакциите многу ме изненадија, и тоа од постарата генерација, постарата публика, затоа што, нели, во Македонија кога се соблеков тоа беше страшно и не беше нормално за нашево поднебје, но таму имаше одлични реакции. Филмот учествуваше на многу филмски и на многу еврејски филмски фестивали и, навистина, многу им се допадна целата приказна, фотографијата, глумата, режијата и мислам дека многу беа задоволни.
Зошто мислиш дека публиката овде реагираше така на твоите голи гради, кога не е првпат, и во претходните македонски филмови секогаш имало голотија?
Ивановска: Не знам, најверојатно не виделе голи гради дома (се смее). Се шегувам, навистина не знам. Кај нас се реагира за сѐ малку… не како што треба, не како што гледа светот на тоа. Можеби не ја разбираат уметноста бидејќи јас тоа воопшто не го гледам како вулгарно, тоа е уметност.
Како реагираат њујорчани на твоите приказни за Македонците, како ги гледаат, доживуваат? Сепак, ти не си класична Македонка бидејќи половина живот си го поминала таму.
Ивановска: Па, добро, јас од шеснаесет години живеам во Њујорк, во време кога една личност треба да се развива во тие тинејџерски години јас заминав од Македонија, но Македонка сум, не сум Американка или половина-половина. Јас сум Македонка. Како реагираат? Всушност никако бидејќи многумина и не знаат каде е Македонија, па јас сум како амбасадор и им ја претставувам нашата република, така што немаат некое мислење. Исто како кога ќе ви кажам некоја држава во Африка, па се чудите каде е и потоа истражувате за неа.
Ти си пример дека не е важно од каде доаѓаш и дека ако имаш талент и се потрудиш, ќе успееш. Што би им препорачала на девојчињата тука што сакаат да бидат манекенки или топ-моделки? На пример, дека не е сѐ до убавината…
Ивановска: Потекнувам од спортско семејство и ми текнува дека дента кога победив на изборот „Лук модел срч“ (Look model search) тука во Македонија, дури и татко ми не дојде да ме гледа затоа што кај нас речиси сите избори се наместени. Така што татко ми ми рече: „Мислaм, дај, те молам, има фудбал на телевизија, одете ти и мајка ти и сестра ти“, но ако веруваш во себе и ако, навистина, сакаш нешто и сакаш да успееш во тоа, мора да си максимално посветен на таа работа. Би ги советувала сите млади девојки од Македонија само да се упорни, да се дисциплинирани и никого да не слушаат. Да не ги слушаат момчињата, демек – ти забранувам, бидејќи во многу случаи и тоа се случува, но и да не се плашат од успех, затоа што мислам дека многу македонски девојки се плашат од успехот и се плашат како да стигнат до него. Така што, само нека веруваат во себе и нека се внесат сто проценти во работата што сакаат да ја работат.
Имаш среќа постојано да си на плажа, но дали има место каде што сакаш да работиш, а досега не си била, на пример како Кејт Аптон по бикини на Антарктик?
Ивановска: Таа беше многу храбра, јас не знам дали ќе соберам сила и толкава енергија за да се фотографирам во бикини или во долна облека на минус 100 (се смее). Навистина сум била на многу места, а ете, не баш за фотографирање, но сакам да одам во Тибет. Не сум била и, можеби, тоа е мојата следна дестинација. И Мароко, кое, можеби, ќе се случи многу брзо.
Фондацијата „Катарина Ивановска“ ќе наврши речиси една година работа. Што е постигнато досега и кој ќе биде следниот проект?
Ивановска: „Катарина Ивановска фондација“ сака да им помогне на сите болни дечиња во Македонија што живеат во социјално загрозени семејства. Морам да кажам дека мојата идеја ја препознаа голем број граѓани, а еден проект од таа фондација беа и маичките „парго“ од мојата колекција „Парго“, кои сѐ уште се продаваат по цена од 690 денари. Морам да им се заблагодарам на сите бидејќи голем дел од тие маички се продадени и постојано правам нови серии. Сега, на скопскиот маратон, кој ќе се одржи во мај, ќе има промотивен пулт и сите што сакаат да бидат дел од фондацијата, можат да купат маички. Следниот проект ќе биде една убава хуманитарна вечера на крајот на мај.
По третпат ќе учествуваш на Скопски маратон, но овој пат, како што спомена, ќе учествуваш поактивно.
Ивановска: Четврти пат ќе трчам маратон, но на Скопскиот ќе ми биде трета среќа. Во Њујорк трчав во 2013 година, истрчав за два часа и три минути, потоа во Скопје за два часа и 13 минути, тоа ми беше најлош резултат, а лани сакав да истрчам за помалку од два часа и на мое големо задоволство го истрчав за еден час и 55 минути. Нормално дека не бркам некое време, тоа ми е само хоби, со тоа што го сакам спортот и од мали нозе спортувам, дали е тоа тенис, одбојка, пливање, а најмногу сакам да спортувам надвор, кога е убаво времето, па некако ми се вклопија коцките задоволството да си го спојам со маратонот.
Кога се учествува на вакви големи маратони секогаш постои и порака што се испраќа, која е твојата цел?
Ивановска: Ова не го измислив јас, но пораката е „Во здраво тело – здрав дух“. Многу ми се допаѓа што во Македонија секој пат кога доаѓам гледам сѐ повеќе и повеќе млади луѓе на кеј како спортуваат и се рекреираат. Би им посакала да дојдат и да бидат дел од маратонот. Оваа година ќе има и тим „Парго“, сите што ќе купат маичка ќе бидат дел од мојот тим и ќе трчаме заедно на скопските улици.
Постојано си во сала за вежбање, гледаме фотографии на социјалните мрежи на задоволство на сите, нели, но се подготвуваш ли специјално за овој маратон?
Ивановска: Задоволство за сите мажи и поттик за сите жени (се смее). За секој спорт треба да се подготвиш различно, треба различна програма. Многу луѓе ќе ми кажат тебе ти е лесно, ти вежбаш секој ден – не е така. Сега бев на скијање и на секои пет минути застанував да земам воздух, затоа што се активирани различни мускули, различна техника. Немам некоја специјална подготовка бидејќи ова ми е, едноставно, рекреација и хоби, не бркам резултат, но секој ден вежбам, без разлика дали правам кардиовежби или трчам на кеј или вежбам во сала, се хранам здраво и се трудам што повеќе да спијам за да имам повеќе енергија.
Имаш ли сега некој што не те остава да спиеш? Неколкупати си кажала дека не сакаш да ја откриваш приватноста бидејќи така се чувствуваш како да си гола, но јавноста секогаш се интересирала кога станува збор за Катарина Ивановска и доволна е само една фотографија за да се направи приказна.
Ивановска: Ако, нека има приказни, луѓето нема да ме заборават (се смее). Само апел, ставајте поубави и поголеми фотографии од мене (се смее). Многу е интересно што со кој и да е мој другар да излезам, веднаш ги полнам порталите со најразлични озборувања. Не ми пречи и никогаш не сум се бунела затоа што сум свесна дека сум дел од шоубизнисот и дека тоа ми е работа, треба да се трпи, нема само за убаво да пишувате. Не дека ова е неубава работа, но не е вистина. Да, имам момче, но тоа не е ниту едно од тие со кои сум ставена во медиумите. Срамежлив е и не сака многу да се фотографира, а ни јас не сакам многу да се експонирам во моментов.
Целото интервју може да го погледнете на „РепубликаТВ“.
Пишува: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.







