| четврток, 6 декември 2018 |

Еден од осомничените за убиството на Литвиненко прифати да сведочи во британската истрага

Alexander_LitvinenkoПоранешниот руски офицер Дмитри Ковтун, еден од осомничените за убиството во Лондон на рускиот дисидент Александар Литвиненко, прифати да се појави како сведок во јавната истрага што ја покрена британската влада, во обид да се утврдат околностите под кои беше извршено убиството и да се утврди кој стои зад него.

Во изјава за Би-Би-Си, Ковтун рече дека се согласил да сведочи за да „конечно ги отфрли сите обвинувања што му се припишуваат„ поврзувајќи го со смрта на Литвиненко.

Ковтун беше еден од двајцата осомничени за убиството извршено во ноември 2006 година.

Во почетокот од ноември во кафулето на еден лондонски хотел Литвиненко се сретна со двајца своите познаници од Москва, поранешниот оперативец на руската ФСБ (Федаралната безбедносна служба), наследник на некогашната КГБ Андреј Луговој и со Ковтун. Веднаш по средбата Литвиненко и се пожалил на сопругата дека не се чувствува добро, а три недели подоцна тој почина во една болница во Лондон.

Истрагата утврди дека починал од труење со отровниот радиоактивен изотоп Полониум 210, а Скотланд Јард го обвини за убиството само Луговој и побара од руските власти тој да биде екстрадиран. Во 2007 година официјална Москва го одби барањето со објаснување дека руските закони не дозволуваат екстрадиција на државјани на Русија за да им се суди во странска земја.

Ковтун вели дека нема да допатува во Лондон, туку дека ќе сведочи преку видео линк.

Тој претходно категорично отфрлаше дека има било каква врска со смрта на Литвиненко и не прифаќаше, како и Луговој, да учествува во британската јавна истрага. Тие двајцата за смрта ја обвинуваа британската тајна служба, откривајќи дека Литвиненко работел и за нив.

Согласноста на Ковтун да сведочи ги изненди судијата Роберт Овен, кој раководи со јавната истрага за Литвиненко, како и адвокатите во случајот. Ваквото решение на еден од осомничените за убиството доаѓа во моменти кога истрагата веќе е пред крај, а адвокатите се подготвуваа за своите завршни изјави.

Судијата Овен призна дека решението на Ковтун е неочекувано и дека не знае што се крие зад ваквата промена на позицијата на Русинот.

Семејството на Литвиненко, неговите блиски пријатели, но и британската јавност веруваат дека тој е убиен од „руската држава„ и вината за тоа ја бараат во Кремљ. Нивниот аргумент е дека „обичен убиец„ не може да се снабди со радиоактивен изотоп, за да изврши „нарачано убиство„.

Литвиненко кој пред да биде затруен, стана британски државјанин, беше поранешен оперативец на ФСБ. Побегна во Велика Британија и таму стана остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин. Дури минатата година неговата сопруга призна оти тој во Лондон почнал да работи за британаката разузнавачка агенција МИ6, како „советник„ во операциите против организираниот криминал (на Руси, на европско тло) и за тоа примал редовна плата.

Британската влада долго време се спротивставуваше на спроведувањето јавна истрага за „случајот Литвиненко„ а за тоа се одлучи во јули минатата година откако дојде до засилено влошување на бритснско-руските односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top