Гостиварка била избодена од своето љубоморно момче. Инцидентот се случил пред два дена во Сараево. Момчето со кого 19-годишната Аделиса Мусиќ ја раскинала врската пред извесно време било љубоморно бидејќи таа на својот профил на „Фејсбук“ ставила фотографии со новото момче, но не ги избришала ни оние со поранешното. Инцидентот се случил во автомобилот на 26-годишниот Семир Хоџиќ, кој, откако се обидел со нож да ја убие Аделиса, посегнал и по својот живот и се избодел по стомакот и по градите, пренесува „Курир“.
Аделиса се бори за живот на клиниката во Сараево кога пред два дена во населбата Соколовиќ-Колонија била избодена.
Тешкоповредената двојка го пронашла полицијата откако претходно добила информација од граѓани.
Двајцата веднаш се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Сараево. Докторите велат дека Аделиса се наоѓа во тешка состојба поради многуте убодни рани – била избодена од глава до петици.
Моментално младата гостиварка е приклучена на апарати, а нејзината состојба е критична затоа што се работи за рани опасни по животот. Избодена е по вратот, рацете, нозете, стомакот и по грбот.
Момчето, исто така, е оперирано и е сместено на Клиниката за општа и абдоминална хирургија, но неговата состојба е стабилна.
Причините за оваа крвава љубовна драма, според изјавите на нивни пријатели, е тоа што гостиварката ја прекинала врската со Семир, а веднаш потоа си нашла ново момче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.