| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска се Младенци, празник на младоста и љубовта

Sfintii-Mucenici1

Денеска е Четириесет Севастиски маченици – Младенци.

Овие 40-мина беа римски војници. За време на гонењето од страна на Ликиниј кој владееше со источниот дел од Римското царство заедно со Диоклецијан, тие беа изведени пред суд заради нивната вера, а потоа ставени во замрзнато езеро и оставени таму преку целата ноќ. Кога следното утро војсководецот ги најде живи, ги погуби и нивните тела ги фрли во водата за да останат непогребани. Но, три дена подоцна ло¬кал¬ниот Севастиски епископ ги извади моштите од водата и чесно ги погреба. Пострадаа околу 320-та година.
Свети 40 маченици во Севастија (Младенци), 22/9. III.

Празник на младоста и љубовта

Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за Христовата вера.

Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.

Житието за Светите четириесет маченици, како и повеќето народни преданија за нив, меѓусебно малку се разликуваат, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не сакале да се откажат од христијанската вера.

Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се премисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.

Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.

Според друго предание војниците биле исечени со меч откако ја преживеале ноќта во студената вода, а според трето, езерската вода што се смрзнувала, кога ги фрлиле војниците почнала да се одмрзнува, светлосните венци над главите ги штителе од смрзнување. Војводата и другите мачители биле изненадени кога утрото ги виделе живи и пак ги фрлиле во водата откако претходно им ги скршиле коските. Но тогаш четириесетте маченици му се јавиле на епископот Петар и побарале нивните мошти да бидат извадени од езерото.

Споменот за четириесетте маченици нашол одраз и во македонските народни преданија. Така на пр., преданието од Гевгелиско раскажува дека во старите времиња кога неверниците го прогонувале секој што ќе се покрстел и ќе ја примел Христовата вера, имало некој човек што имал 40 синови. Кога станале христијани ги оковале во синџири и ги фрлиле во темница, каде што умреле. Но набрзо потоа христијанството зело замав и станало многу силно, поради што споменот за нив се празнува до денес. Преданието од Струшко, пак, вели дека четириесетте маченици биле деца кои Евреите ги мачеле за да го кажат Исуса. Кога не успеале да ги придобијат ниту со ветувања, ниту со казни, решиле да ги погубат. Им дале црна волна и им заповедале со перење да ја направат бела, а потоа ги убиле осветувајќи им се за нивната приврзаност кон Исус Христос.

Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) споменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици. И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн. Во Разлошко, во пиринскиот дел на Македонија, како што запишале браќата Костадин и Димитар Молерови секој требало да направи 40 метании пред Господ, од полето да донесе 40 прачки, 40 билки и 40 ракови од реката, итн. Миленко С. Филиповиќ запишал дека во Скопската Котлина пиеле 40 чаши ракија, а Стефан Тановиќ во богатите записи од Гевгелиско сведочи дека на овој ден береле и прачки „четрирасат биз едно-за сновајне“.

Oд поновите записи ќе ги споменеме сведоштвото на Зорка Делиниколова, дека во Радовиш се варела пченка од која секој апнувал по 40 зрна за да се заварат (затечат) 40 бучуци жито во амбарите, а освен што пиеле 40 чаши ракија и саделе 40 корења во нивата. Во Кумановско, пак, како што запишал Велимир Николов на овој ден ништо не се садело зашто немало да никне 40 дена. На овој ден интересни обичаи се правеле во Штип. Александар Донски пишува дека во овој град луѓето оделе на Исарот од каде што секој фрлал по 40 камчиња кон Брегалница, а дома правеле 40 теганици за јадење. Во селото Елешница, Разлошко, според еден современ запис, вечерта спроти празникот од реката донесувале 40 камчиња и ги ставеле во ќошовите на куќата и откако тука ќе преноќеле утрото пак ги фрлале во реката. Тоа се правело за здравје на куќата. Во таа смисла камчињата што ги собирале задолжително требало да бидат бели.

Денот на пролетната рамнодневница според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јаде нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели, не се умира за храна, зашто таа може и на трн да се најде. Некои со ова верување ја поврзуваат и пословицата: „Не умри магаре до зелена трева.“

Во повеќе краишта на Македонија со овој ден е поврзано враќањето на птиците преселници. Во Велешко, како што забележал Д. Матов, на овој ден ластовиците иделе од арапска земја, во с. Елешница, Разлошко, секогаш на овој ден доаѓал штркот, а и во струшки Дримкол на овој ден се очекувало доаѓањето на птиците преселници. Во врска со тоа е и верувањето дека ако човекот гладен (на гладно срце, како што се вели) слушне пеење на овие птици, (ластовици, кукавица, пупунец и др.) ќе биде разбиен од нив, ќе се разболи или не ќе има напредок во текот на целата година. Во таа смисла е и записот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот објавен во „Цариградски весник“ од 1852 година: „Деветти март кога ќе влезе, сите, мали и големи треба уште во постела да каснат по еден залак леб, за да не ги „пробие“ ненадејно ластовица, дури до Благовец. Исто така, ќе се чуваат и од штрк, да не го видат со боси нозе, т.е. без чевли.“ Во Скопско верувале дека ако ги разбие пупунецот ќе им смрди душата, а ако ги разбие грлицата многу ќе кршат садови во текот на годината. Колку ластовици ќе видел човек на овој ден со толку облека ќе се подновел во текот на годината.

Извесен број обичаи и верувања се поврзани со растенијата. Во таа смисла интересен е записот на Стефан Верковиќ од Долновардарско, егејскиот дел на Македонија, во кој се вели дека „Спроти Свети четиријсат (9 марта) през ноќта секое дрво и растение си наведува врвут да си бакнува коренут. От тоги веке факе да расте.“ И други запишувачи на македонски народни верувања забележале дека до тој ден на растенијата растеле само листовите, а од овој ден растеле гранките откако ќе им се поклонеле на корењата и ќе ги бакнеле.

Празникот на Светите 40 маченици, познат во народот и како Маченици но и Мучејнци, а најчесто како Младенци се држи како тежок празник и тогаш ништо не се работи. На овој ден се вели дека и пилците не правеле седело. Во Разлошко не смееле да фатат гребни, конци, игла или метла за да не гледаат змии. Сепак, во други краишта жените пред сонце ги метеле дворовите за да ги затече чисти сиромашкото лето. Особено жените внимаваат да не месат зашто во текот на летото ќе имаат многу стоногалки во ношвите и на другите места каде што се чуваат лебот и брашното. Во некои места, пак, иако на овој ден не се работи чинело да се калеми. Исто така, мажите прошетувале низ полето да ги видат посевите, да позавршат некои работи и да испијат за адет, 40 чаши ракија. Во Гевгелиско над вратите обесувале коприви, како растение кое ги одбива несреќите. Исто така, утрото луѓето каснувале лук и се намачкувале со него под мишките за да не се потат при работата и змиите да бегаат од нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top