| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

Со инклузивен танц-фестивал во Театар Комедија денеска беше одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, кој го организираше здружението „Трисомија 21“ – Скопје во соработка со танцовиот клуб „Dancers United MK“.

Под мотото „Имам можности, имам избор“ настапија стотина изведувачи со и без попреченост, на различна возраст и во различни танцови дисциплини (модерен танц, латино, народни ора, класичен балет).

Целта на настанот  е да им овозможи лицата со Даунов синдром да се изразуваат, да ги развиваат способностите и целосно да се вклучат во општеството, а и да се разбуди свеста на јавноста за потребите на овие лица.

Светскиот ден на лица со Даунов синдром се одбележува секоја година на 21 март – симболично избран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.

Здружението „Трисомија 21“ постои две години и има околу 30 члена со Даунов синдром на различна возраст. Претседателката на Здружението Сузана Стојановска изјави дека свеста кај луѓето ќе се подигне кога лицата со Даунов синдром ќе бидат видени и затоа се организираат вакви настани.

Според неа, слабости има во раната интервенција, превенција и рехабилитација, како и во инклузијата на овие деца во образованието, почнувајќи од градинките и основните училишта. И за децата кои одат во средно образование нема доволно  оспособен кадар во училиштата – дефектолози и логопеди. Некои општини имаат по еден дефектолог кој работи во десетина училишта што, рече Стојановска, воопшто не ги задоволува потребите.

– Потребно е дефектологот секојдневно да работи со детето. Има ветувања, некои чекори се прават, значи не тапкаме во место. На пример, во секоја поликлиника има логопед што е големо олеснување за нас, родителите, наместо детето да  се носи на клиника за третман што трае 30 минути. Тоа е еден од чекорите што е направен, но треба уште повеќе, особено да се стави акцент на средното образование. Не бараме во секое училиште да бидат вклучени децата, туку да има три-четири, на примиер занаетчиски училишта, каде што ќе се направат стручни тимови – дефектолози и логопеди. На овие деца мора да им се направи индивидуален план според нивните можности, додаде Стојановска.

Министерството за труд и социјална политика, исто така, презема мерки за подобрување на квалитетот на животот на лицата со Даунов синдром.

Миистерот за труд и социјална политика Диме Спасов на одбележувањето на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, најави дека во јули 2015 ќе биде воведен паричен надомест за сите деца со Даунов синдром во Македонија.

МТСП планира и зголемување од 25 проценти на посебниот додаток кој им се дава на родители на деца со пречки во развојот, за семејства кои се материјално необезбедени и во потешка финансиска состојба.

На танцовиот настан учествуваа членови од повеќе танц-клубови „Dancers United MK“ (меѓу кои и изведувачи со Даунов синдром), Балетско студио „Балерина“, Културно-уметничко друштво „Никола Јанков Вапцаров“, Студио за модерни танци „Брејк а Лег“ и Танцов клуб „Aqua “.

Покрај домашни изведувачи, настапи и Сара Горди – актерка и танчарка со Даунов синдром од Велика Британија, која е јавна личност и активно работи на подигнување на свеста за способностите на лицата со Даунов синдром.

Одбележувањето на Светскиот ден ќе продолжи вечер во 20 часот во  кафулето „Концепт 37“ каде што ќе биде организиран и танц-караоке – настан отворен за сите заинтересирани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top