Гоце Маринковски (31) е штипјанец, лице со Даунов синдром кое отсекогаш сакал да биде актер. Иако не завршил студии по актерска игра во Скопје, на Факултетот за драмски уметности, тој својата желба да биде на сцената сепак ја реализирал. Настапувал во аматерските претстави „Роберто Цуко“, „Грди зборви“, „Монодрама до доцните часови“, „Вистински лаги“ кои се одгирале во Штипскиот театар.
Минатата година Маринковски имаше свое деби и во краткометражниот филм на Ефтим Трајчов Ѓаурски „Најдолгите три секунди“.
Главниот лик во филмот го толкува Маринковски, можеби едниствениот актер со Даунов синдром во Македонија.
Главниот лик во само три секунди на клиничка смрт сфаќа дека самиот ја предизвикал состојбата од одделување на душата од телото и решава да се врати назад поради неизмерната љубов на неговата мајка кон него. Нејзините емоции над неговото бездушно тело успеваат да му ја вратат душата назад. Во тоа кратко време целиот живот му поминува како на филмска лента, а тој гледа беспомошно.
Ова е филм кој говори за неколку аспекти од животот на лицата со Даунов синдром во нашата средина како и за односот на другите кон нив и суровоста со која многумина секојдневно се соочуваат.
– Гоце отсекогаш сакаше да биде актер. Не го пуштивме во Скопје, да студира, ама тука, во Штип е многу активен во аматерскиот тетрар. Ги знае сите актери и македеонски и странски, кој кога е роден, ако некој починал кога починал, многу следи – вели таткото на Гоце, Добре Маринковски, кому Гоце му е единствен син, покрај двете постари ќерки од кои има и внуци.
Татко му на Гоце открива уште една пасија на 31-годишниот син, а тоа е читањето.
– Многу сака да чита, често оди во библиотека. Одличен познавач е на македонската историја. Професор не му е равен – вели Добре, поранешен тренер во борење. Штип е град кој е познат по овој спорт, а Добре секогаш на сите тренинзи и натрпревари го носел со себе Гоце. Но, сепак, синот се определил на актерството.
Гоце многу ја сака културата и театарската и филмскатата уметност. Затоа и негова најголема желба е да работи како актер. Омилен актери му се Ѓорги Колозов поради кој многу ги сака „Македонските народни приказни“ и доајенот на македонското глумиште Петре Прличко. Често оди и во штипскиот театар и ги гледа сите претстави, а најомилена му е „Чорбаџи Теодос“.
Ефтим Трајчов Ѓаурски е актер, исто така штипјанец, кој го режираше првиот филм за лица родени со Даунов синдром и во кој главната улога ја толкува Маринковски.
Трајчов Ѓаурски е сценарист и режисер на филмот, директор на фотографија е Александар Ристески, а монтажата е на Сандра Ѓорѓиева. Освен Гоце, во филмот уште настапуваат и Данче Тодорова-Зенделска, Миле Вратеовски, Филип Мајсторски, Андреј Јовановски, Давор Јакимовски, Сезар Пешов и други.
– Со Гоце се познаваме одамна, уште од времето кога заедно настапувавме во аматерските претстави во Штипскиот театар – вели Трајчов Ѓаурски.
Тој ја објаснува идејата за снимањето на филмот.
– Гоце ја толкува главната улога во филмот, но приказната не е поврзана со неговиот живот. Тој има Даунов синдром и толкува лик на лице со Даунов синдром, но ова не е негова приказна. Филмот иако е краток, е мрачен и ова е прв филм во Македонија кој се занимава со проблемите кои ги имаат овие лица кај нас. Овој филм треба да е рефлексија на општетвото во кое што живееме. Овие лица немаат многу светла иднина кај нас. Затворени се во своите домови, ретко излегуваат, едноставно се кријат. Свесноста на нашето општество по овие прашања е на многу ниско ниво и тоа треба да се смени. Општеството треба да сфати дека не треба да се откаже од нив. Тие се такви какви што, со еден хромозом повеќе од условно кажано од нас, нормалните луѓе, но и тие треба да имаат можности каде да ги развиваат своите квалитет – вели Трајчов Ѓаурски.
Тој има позитивно искуство од сминањето на краткометражниот филм „Најдолгите три секунди“ со Маринковски.
– Гоце беше многу професионален, одлично се однесуваше за време на снимањето на филмот. Беше многу дисциплиниран, коректен и одлично си ја заврши работата како актер во филмот. Додека снимавме, знаеше да каже: Ефтим, дојди да ти кажам нешто! Мислам дека ова не можам да го направам, бидејќи имам Даунов синдром. Не е точно Гоце, му велев, ти си попрофесионален од многу други колеги кои ги познавам – вели Трајчов Ѓаурски.
Овој филм уште не бил на ниту еден фестивал. Засега нема такви планови од режисерот, кој инаку е актер по професија.
– Во светот се снимаат филмови за лица со Даунов синдром и тие не се мрачни, како овој. Тоа е така бидејќи во развиениот свет овие лица имаат подобра иднина, на нив се гледа како на нормална појава, на лица кои се еднакви на нас, но на кои им трерба малку помош – завршува Трајчов Ѓаурски.
Светскски ден на лицата со Даунов синдром е 21 март и оваа година мотото на одбележувањето е „Мои можности, мои избори“, односно целосни и еднакви права и улогата на семејството. Луѓето со Даунов синдром мора да можат еднакво, со другите луѓе да уживаат целосни и еднакви права и како деца и како возрасни со можности и избори. Оваа година е десетгодишнината од одбележувањето на овој ден и дваесет и првата годишнина на Меѓународната година на семејството и токму затоа акцентот е ставен на улогата на семејствата и позитивниот придонес што тие можат да го направат во насока на тоа луѓето со Даунов синдром да уживаат целосни и еднакви права.
Пишува: Александра М. Бундалевска
(текстот излезе во 133. број на неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура