| четврток, 6 декември 2018 |

Херцог ја честиташе изборната победа на Нетанјаху

izrael izboriЛидерот на „Ционистичка Унија“ Јицак Херцог во телефонски разговор ја честита победата на партијата „Ликуд“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, својот главен ривал на предвремените парламентарни избори во Израел.

– Пред неколку минути разговарав со премиерот Бенјамин Нетанјаху и му честитав на неговата победа и му посакав среќа, изјави Херцог пред новинарите.

Херцог истакна дека неговата лево-центристичка партија ќе продолжи да биде алтернатива на конзервативната „Ликуд“ на Нетанјаху.

Јицак Херцог и Ципи Ливни, кои заедно ја предводат оваа коалициска партија, денеска изјавија дека ќе продолжат да се борат за Израел, наспроти поразот на изборите.

– Ова утро не е лесно за нас и нашите приврзаници. Ние ќе ги предводиме и ќе се бориме заедно со нашите партнери во Кнесетот за вредностите во кои веруваме. Ќе се бориме за израелските граѓани, за социјална правда, дипломатска перспектива, еднаквост и демократија со надеж и вера за еврејска и демократска држава, преведна и безбедна. Сакаме да се заблагодариме од сето срце за секој што верува во нас, изјавија заедно Херцог и Ливни.

Синоќешните првични податоци покажаа еднаков број гласови за „Ликуд“ и „Ционистичка Унија“, но по пребројување на речиси сите гласови на предвремените избори се покажа партијата на Нетанјаху како победник.

Со преброени 99 проценти од гласовите „Ликуд“ има 30 пратенички места, додека „Ционистичка унија“ 24 од вкупно 120 места во Кнесетот. Следи коалицијата на арапски партии со 14, двете партии од центарот „Јеш атуд“ и „Кулан“ со 11 и 10, националистичката „Еврејски дом“ со осум, двете верски „Шас“ и „Обединета Тора“ со осум и шест пратенички места. Партијата „Израел наш дом“ на министерот за надворешни работи Авигдор Либерман доби шест, а левичарската „Мерец“ четири места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top