| четврток, 6 декември 2018 |

НАТО: Сириската Влада да обезбеди уништување на хемискиот арсенал

хемиско

Владата на сирискиот претседател Башар ел Асад мора да обезбеди целосно и неповратно уништување на своето хемиско оружје, предупреди денеска официјален претставник на НАТО, откако невладината организација Сириски центар за мониторинг на човековите права, која ја следи граѓанската војна во Сирија, соопшти дека владините сили извршиле напад со отровен гас, при што загинале шест лица.

– Организацијата за забрана на хемиско оружје веќе објави дека и последното пријавено хемиско оружје е отстрането од Сирија, потсети претставникот на Алијансата.

Според него, тоа значи дека режимот на Асад „мора да обезбеди хемиското оружје да биде целосно и неповратно уништено, вклучувајќи ги и останатите производствени погони“.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права претходно соопшти дека шест лица, меѓу кои има три деца, загинале во напад на сириската војска со „барел бомби“ врз селото Сармин во провинцијата Идлиб во северозападниот дел на Сирија.

Организацијата наведува дека докторите од селото констатирале оти начинот на кој починале жртвите укажува дека овие бомби содржеле гас и постои можност да станува збор за хлорин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top