| четврток, 6 декември 2018 |

Пад на цената на нафтата

Пад на цената на суровата нафта на светските берзи поради се поголемите резерви со кои располага САД и се посилниот долар, јавуваат светските медиуми.

Американската лесна нафта за испорака во април на берзата во Њујорк поевтини за скоро половина долар на 44,37 долари, додека нафтата од типот брент на берзата во Лондон се продава за 54,21 долар што е поевтинување за 46 центи.

Следната корекција на малопродажните цени на горивата во Македонија треба да се направи идниот понеделник и од полноќ ќе почнат да важат новите цени. Доколку продолжи трендот на намалување на цените на нафтата на берзата во Лондон врз основа на чија цена се креираат и цените во Македонија, постои можност за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во Македонија. Цената на нафтата на берзата во Лондон врз основа на која се формираа цените во Македонија претходната недела изнесуваше 58,5 долари за барел, а моментелната цена е за 4,3 долари пониска и изнесува 54,21 долар за барел.

Доколку цената остане на ова ниво и нема поголеми промени на курсот на доларот во однос на денарот, можно е поевтинување за околу 2 денари по литар.

При последните промени на цените, претходниот понеделник бензините поскапеа за 2,5 денари а дизелот за половина денар. Во моментов на бензинските пумпи низ Македонија литар ЕУРОПСУПЕР од 95 октани се продава за 67,5 денари по литар а 98 октанскиот за 69,5 денари по литар.

Дизелот во моментов се точи за максимална цена од 55,5 денари по литар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top