Растежот на домашниот бруто-производ од 3,8 проценти во 2014 година, кој воедно е и еден од највисоките во Европа, е охрабрувачки сигнал за стопанството, сметаат стручњаците. Економијата бележи стабилен и континуиран пораст, индустријата стои цврсто на здрави нозе. Невработеноста се намалува, пишува „Лидер“.
За економските аналитичари минатогодишниот пораст на економијата, практично, е резултат на зголемениот број странски инвестиции, но истовремено и вложувања на домашните компании, зголемувањето на извозот, како и порастот на личната потрошувачка. Познавачите и годинава очекуваат континуиран пораст на економијата.
– Годинава ќе има засилено темпо на странските инвестиции. Беа најавена преку 25 компании што ќе инвестираат, потоа засилено искористување на планираните капитални инвестиции од централниот буџет, кои водат кон засилена градежна активност, која е локомотива на економијата – смета професорот Томе Неновски.
– Проекциите за годинава се дека ќе имаме поголем пораст на домашниот бруто-производ во 2015 година од минатогодишниот. Очекуваме економски пораст од четири проценти. Тоа би било многу успешно – прогнозира извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Индустријата и капиталните инвестиции- локомотива на економијата
Според податоците на Државниот завод за статистика, минатата година бруто-инвестициите пораснале за 13,5 проценти. Извозот достигна пораст од 17 проценти, додека увозот пораснал 14,5 проценти. Меѓу секторите што бележат најголем пораст се преработувачката индустрија, со 10 проценти, градежништвото со пораст од 6,1 проценти, како и финансискиот сектор со пораст од 4,7 проценти.
Во континуитет 16 месеци имаме пораст на индустриското производство. Тоа е дополнителен сигнал дека во иднина токму компаниите од индустријата ќе придонесат за дополнително поттикнување на растот на економијата, како и на вработеноста во Македонија, сметаат стручњаците.
-Со оглед на тоа што се најавуваат нови фабрики да влезат во земјава, нови капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, изградба на коридори, железницата, се очекува и натамошен пораст, како и отворање на нови работни места – смета бизнисменот Сеад Кочан.
Според податоците на Статистика, стапката на невработеност минатата година се спушти на историски најниското ниво од 27,6 проценти. Според прогнозите на владата, за три години невработеноста се очекува да се намали на 22 проценти.
Надлежните очекуваат позитивниот тренд за пораст на економијата да продолжи и во идниот период, паралелно со порастот на инвестициската активност. Од друга страна, пак, економистите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот, и тоа во помалите општини, со цел да се постигне рамномерен економски развој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


