Повеќе од 215 илјади луѓе ги загубиле животите во 4-годишниот конфликт во Сирија, соопшти денеска опозициската Организација за заштита на човекови права со седиште во Лондон.
Според нив, од март 2011 година кога почна конфликтот во Сирија, во таа држава загинале вкупно 215.518 луѓе од кои повеќе од 66.000 се цивили.
Конфликтот влезе во својата петта година и во тој период раселена е половина од вкупната популација, а критичната хуманитарна криза дополнително ја влошува и напредувањето на џихадистите од Исламска држава кои зазедоа дел од државата.
Конфликтот почна во 2011 година како бунт против владата. Демонстрантите на 15 март излегоа на улиците за да протестираат против власта на претседателот Башар Асад.
Протестот прерасна во брутален конфликт на повеќе фронтови на кои сега војуваат државните сили, џихадистички групи, курдски борци и останати бунтовници.
Агенцијата на ОН за бегалци тврди дека во Сирија сега има „најголема хуманитарна криза на нашето време“.
Околу четири милиони Сиријци пребегаа во странство, од кои еден милион во соседен Либан. Внатрешно се раселени повеќе од седум милиони луѓе. Шеесет отсто од жителите на државата живеат во сиромаштија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.