Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку флаери ќе ги едуцира граѓаните за потрошувачките права, информира денеска директорот Зоран Поповски по повод Светскиот ден на потрошувачите. Покрај контролата и обезбедувањето безбедни производи за конзумација, Агенцијата, посочи Поповски, е одговорна и за заштита на правата на потрошувачите.
– Сметаме дека потрошувачите имаат право да ги добијат сите информации и да бидат целисходни тие информации од производите за да можат да го направат најправилниот избор на производ спрема потребите. Преку флаерите граѓаните ќе може да се запознаат со своите права што да очекуваат од производите и што треба да има назначено на нив. Да може да го направат најдобриот и најправилниот избор спрема нивните потреби, изјави Поповски на промоцијата на кампањата во ТЦ Рамстор.
Лани, според него, имало околу 400 претставки од потрошувачи, од кои половина биле основани.
– Граѓаните најчесто се жалат на пакувањето, означувањето, рокот, страни тела и примеси во производите. Со анализатата која ја прават нашите служби се потврди дека само 50 отсто од тие претставки се основани. Апел до потрошувачите да реагираат доколку сметаат дека нешто не е во ред со храната од безбедносен аспект, означувањето… Трендот на пријавување се зголемува, а со тоа и свеста кај потрошувачите и веруваме дека со тек на време потрошувачите ќе си ги знаат своите права, а ние како Агенција ќе можеме навремено да реагираме, да ги корегираме евентуалнте неправилнсти, рече Поповски.
Доколку граѓаните забележат неправилности може да достават претставка на бесплатниот број на Агенцијата 0800 22 22, кој е достапен 24 часа.
Шенај Дука Абдуловска одговорна за храна во Рамстор информира дека во нивните маркети се проверуваат сите декларации на прием на роба и сите недостатоци се констатираат и се регулираат веднаш. Доколку купувачите најдат некоја декларација несоодветна според нив може да се јават во кол центарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.