| четврток, 6 декември 2018 |

Ниту вештината „Кремљологија“ не може да ја реши загатката Путин

Користејќи ја прастарата вештина наречена „Кремљологија“, американскиот институт Стратфор се обиде да утврди дали нешто навистина се случува на врвот на руската власт. Рускиот претседател Владимир Путин требаше во четврток да присуствува на самитот на Евроазиската унија во Астана, Казахстан, заедно со претседателите на Белорусија и на Казахстан. Путин, исто така, во средата во Москва требаше да потпише договор со лидерот на Јужна Осетија . И двете средби беа неочекувано откажани. Веста за првото откажување пристигна од Казахстан, во вид на соопштение кое велеше дека Путин е болен. Русите набрзина го потврдија откажувањето, но негираа дека претседателот е болен – всушност, портпаролот на престедателот Дмитриј Песков отиде прилично далеку за да потврди дека Путин не е болен. Второто откажување беше објавено од руската новинска агенција Взглад, со образложебние дека распоредот на престедателот бил преоптоварен.

Сево ова го остави отворено прашањето зошто се откажани настаните?! Претседателите не ги откажуваат самитите и потпишувањата на договори туку-така. А Путин, сепак, го стори тоа. Веднаш потоа стигна забелешката дека неговиот распоред за минатата недела бил изненадувачки празен, со неколку настани за кои беше известено дури откако се случија. Во екот на напливот од слухови, Кремљ објави фотографија на Путин на средба со гувернерот на Карелија.

Три нешта се сосема јасни. Прво, откажувањата беа чудни. Второ, инсистирањето дека не е болен, исто така, беше чудно. Трето, Кремљ не стори ништо за да ја ублажи загриженоста за статусот на Путин. Русите требаше да бидат уверени дека Кремљ нема што да ублажува; но негирањето дека е болен без алтернативно објаснување за откажувањата исто така се чини многу чудно.

Кога немате поим што се случува, вниманието го насочувате кон другите нешта кои исто така ви се чинат чудни. Најдоброто до кое стигнаа аналитичарите на Стратфор е веста од пред два дена (вторник) дека рускиот министер за одбрана и началниците на Федералната безбедносна служба и на Федералната заштитна служба отпатувале за Крим. Нивното патување не може да се поврзе со ниту еден посебен настан или најавена воена вежба. Не е невообичаено овие тројца во исто време да ја напуштат Москва, но нивното присуство на Крим, исклучително чувствителна област, не можеше а да не предизвика шпекулации. Друго чудно нешто е тоа што Константин Рамчуков, главен уредник на Независимија Газета, медиум во сопственост на „Газпром“, на Tweeter напиша дека во средата навечер (11.03.) бил тргнат настрана додека следел претстава во Бољшои театарот и му било кажано дека директорот на „Роснефт“ и висок член на политбирото на владејачката партија, Игор Сечин, ќе биде отпуштен наредниот ден. Роснефт ги негираше слуховите.

Овие чудни нешта немаат јасна врска со откажувањата на Путин, освен што беа чудни настани кои не беа целосно објаснети и кои се случија во чувствително време, со што покренаа доддатни прашања за тоа што точно се случува во Москва. Една фраза од изјавата на Песков која особено ни го привлече вниманието вели дека одлуката да се откажат настаните ја донело „раководството“. Во стариот стил на „Кремљологијата“, забележавме дека тој не рече дека Путин одлучил, туку „раководството“. Вообичаено би ја игнорирале оваа фраза, но во недостиг од други информации останавме да се чудиме дали „раководоство“ се однесува на Путин и на претседателите на Белорусија и Казахстан или, пак, некое друго раководство носи одлуки за распоредот на Путин наместо тој самиот.

По смртта на Јосиф Сталин, советското раководство замина на балетска претстава. Недостасуваа Лаврентиј Берија, шефот на тајната полиција НКВД. Се чинеше чудно што тој не е таму. Едно од објаснувањата беше дека Берија не сака балет. Тоа беше разумно објаснување. Исто така не беше точно. Берија беше егзекутиран, а целта на посетата на театарот беше да се истакне неговото исклучување од раководството и да се објави дека отсуството е предизвикано поради неговото исклучување од животот.

Во Советскиот сојуз, набљудувачите внимателно ги следеа овие знаци за да одредат што се случува. Кремљ знаеше за тоа и ги користеше овие знаци за да сигнализираат настани кои се’ уште не беа подготвени да ги обзнанат. Кога Кремљ не сакаше да ги официјализира нештата, но сакаше советските граѓани и Западот да добијат некаква идеја што се случува, отсуството од некој настан, каде некој функционер стои при некаква парада и прецизниот избор на зборови во соопштенијата имаа огромно значење.

Инсистирањето дека Путин не е болен е, можеби, со намера, заедно со другите докази, да покаже дека тој е, всушност, многу болен. Или можеби се посочува фактот дека Путин навистина не е болен, а откажувањата имаат политичка заднина. Присуството на високите воени и разузнавачки функционери на Крим додека Путин не успева да стигне на закажани и многу битни настани можеби не се поврзани, или може да имаат длабока поврзаност.

Ние во Стратфор сме сега сведени на многу стари методи преку кои се обидуваме да сфатиме што се случува. Тоа самото посебе е битно. Но, битен е и фактот дека настаните беа откажани. Читателите можеби се сеќаваат дека ние веќе го покренавме прашањето за тоа дали Путин може да ги преживее своите неуспеси во Украина и економските потреси со кои се соочува. И ни оддалеку не сме единствените кои ги покренаа тие прашања. Секако, Кремљ е свесен за овие шпекулациии и ние очекувавме да биде ригорозен во убедувањето дека работите се одвиваат вообичаено, со цел да ја истурка пораката дека Путин се’ уште цврсто ја држи контролата. Оваа матрица излезе во јавност, Кремљ добро знае дека излезе и го дозволи тоа без никакво додатно објаснување.

Зачудени сме затоа што една работа која Путин никогаш не би ја дозволил е несигурност во врска со неговата моќ. Ако поверуваме дека не е болен, тогаш мора да постои некое друго објаснување за неговото отсуство. Не би требало да истрчуваме со заклучоци, бидејќи најверојатно се погрешни, но мора да ни се прости што сме зачудени од самото тоа што Путин не’ остава – и нас и многу други – да бидеме зачудени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top