| четврток, 6 декември 2018 |

Месечно 10 000 пациенти на преглед кај „Рурален лекар”

Тодоров истакна дека проектот „Рурален доктор“ дава позитивни резултати, бидејќи, како што рече, само на пунктот во Таринци секој петок од 15 до 20 пациенти ги користат здравствените услуги на медицинскиот тим

ruralen lekar

Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“, Валентина Варадинова-Везенкова, денеска го посетија пунктот за рурален доктор во село Таринци, општина Карбиници. Станува збор за еден од седумте пунтови од проектот „Рурален доктор“ во штипско-карбинскиот регион.

Тодоров истакна дека проектот „Рурален доктор“ дава позитивни резултати, бидејќи, како што рече, само на пунктот во Таринци секој петок од 15 до 20 пациенти ги користат здравствените услуги на медицинскиот тим.

– Докторите велат дека секој петок луѓето се тука доаѓаат на преглед некогаш дури и пред да дојдат докторите, што значи добра одлука сме донеле кога сме го отвориле овој пункт за „Рурален лекар“ и на помош на жителите кои што живеат во ова населено место. Овој проект дава позитивни ефекти, затоа што од сите информации кои што ги прибираме, дури до 10.000 пациенти месечно се прегледуваат во рамки на овој проект на целата територија на Република Македонија, посочи Тодоров.

Значи, нагласи министерот, досега се прегледани некаде до 100.000 пациенти на ниво на цела држава од почетокот на проектот во март минатата година.

Директорката на ЈЗУ „Здравствен дом“, Панче Караѓозов, Валентина Варадинова-Везенкова истакна дека тимот на „Рурален лекар“ секојдневно работи на седум пункта.

– Проектот прекрасно функционира, одѕивот на граѓаните е задоволителен, така што се доближивме поблиску до пациентите од овие подрачја кои што ја немаа таа можност во изминатиот период, рече Варадинова-Везенкова.

Доктор Милена Серафимова, која е дел од тимот на „Рурален доктор“ во штипско-карбинскиот регион, истакна дека пациентите од руралните подрачја најчесто бараат да им се измери крвниот притисок, шеќерот и холестерол во крвта, им се даваат совети за исхраната и терапијата која ја користат, а може да им биде закажан и лекарски преглед преку проектот „Мој термин“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top