Во Македонија се бележи постојан тренд на пораст на пациенти кои почнуваат со лекување со дијализа. Како најчести причинители за оштетување на бубрезите се посочуваат покачениот крвен притисок и дијабетот.
На денешното одбележување на Светскиот ден на бубрегот што го организира Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ беше истакнато дека една скрининг студија направена во соработка со матичните лекари покажува дека 7,5 проценти од населението во Македонија има сигурно намалена бубрежна функција што значи сигурна бубрежна хронична болест од трет степен.
Лекарите апелираат на зголемување на превенцијата, односно на зачестени контроли особено на ризичните групи каде спаѓаат пациентите со зголемен крвен притисок, дијабет, зголемена телесна тежина, оние кои имаат бубрежно болни во фамилија, како и лицата со системски заболувања.
– Статистиката покажува дека Македонија ги следи светските трендови на пораст на оштетување на бубрезите од дијабетот и од покачениот крвен притисок што значи дека на тие се на прво и второ место како причини за лекување со дијализа, истакна Оливера Стојчева од Универзитетската клиника за нефорлогија.
Министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека во последните години се вложени големи напори за унапредување на квалитетот на дијализата.
– Овозможивме изградба на нови простории за дијализа и целосна реконструкција на постојните, како и обезбедување современа апаратура согласно светските стандарди. Со цел превенција од хронични бубрежни заболувања, отворивме нефролошки пунктови со специјализиран кадар низ целата територија на државата, со што дополнително придонесовме кон поквалитетна грижа за оваа категорија лица, рече Тодоров.
Тој додаде дека се набавени и 12 транспортни возила за превоз на пациентите и 365 најсовремени апарати за хемодијализа со што капацитетот на дијализните центри е зголемен за 25 проценти.
– Со инвестирањето во нова опрема значително ги унапредивме третманот и грижата за овие пациенти, овозможивме продолжување на дијализното преживување, унапредување на квалитетот на живот на пациентите, како и значајна редукција на хроничните дијализни компликации. Исто така, во изминатите неколку години значително се зголеми бројот на извршени трансплантации, а според извештајот на Интернационалниот регистар за донирање на органи Македонија се вброи меѓу првите 10 земји со најразвиена трансплантација од жив донор, нагласи Тодоров.
Според податоците од Клиниката за урологија, само во последните три години извршени се 103 трансплантации, од кои 12 се од кадавери. Во моментот нема ниту еден пациент кој чека за трансплантација од жив донор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.