Григорис Валијанатос е лидер на една од ретките грчки политички партии што за свој приоритет го има поставено класичниот либерализам во кој црквата мора да се одвои од државата, постои задолжително служење во армијата, се залага за декриминализација на користењето лесни дроги и др. Овој поранешен советник на поранешниот претседател на ПАСОК Јорго Папандреу, кој мораше да се повлече од советничкото место откако јавно проговори дека Македонија има право да се нарекува како што се чувствува, е еден од водечките борци за човекови права во Грција. Вклучен е во низа случаи на одбрана на лица што се прогонуваат поради нивната етничка, верска или сексуална припадност. Важи за еден од највлијателниte грчки интелектуалци и, за разлика од другите грчки политички фигури од десницата или од левицата, секогаш е подготвен јавно да зборува за отворените прашања.
Која е долгорочната перспектива за Грција како членка на еврозоната? Дали новата влада ќе успее да ги задоволи партнерите од еврогрупата и истовремено да ги исполни ветувањата што ги даде за време на изборниот период?
ВАЛИЈАНАТОС: Долгорочната перспектива за Грција како членка на еврозоната со сегашната влада од радикалната левица, заедно со екстремната десница, значи сериозни промени во политичката агенда што ѝ беше претставена на грчката јавност пред изборите.
Тековната агенда претставува комбинација од социјалистичка економија со малку хуманизам, расизам и со национализам. СИРИЗА се залага за толеранција и за недискриминација, а партијата Независни Грци за национализам и за ксенофобија.
И на новата влада и на „тројката“ сега им е јасно дека постои разлика во начинот на кој се гледа економијата. Европските земји под актуелното политичко претставништво во Европскиот парламент не се подготвени за толеранција и за преговарање за социјално-економско експериментирање во еврозоната, вклучувајќи ги отсуството на приватизација и намалувањето на јавниот сектор и слободна пазарна економија што е заложник на сиви и на тајни здружувања, црн пазар и на различни мафии.
Еврозоната нема да просперира сѐ додека грчката влада не ја промени политиката.
Колку е реална можноста за излегување на Грција од еврозоната? Дали постои можност земјата, во најлош случај, да ја напушти ЕУ?
ВАЛИЈАНАТОС: Ветувањата дадени за време на изборите ѝ припаѓаат на една неуспешна латинскоамериканска државата, зачинета со европски хуманизам, без европскиот пристап кон бирократијата и кон водењето бизнис.
Освен фактот дека лошо се соочува со екстремната сиромаштија и страдање, што добро го знаат и другите европски партнери, се чини дека новата грчка влада не сфаќа како се „прават“ пари во една модерна земја од еврозоната. Се надевам дека овој модел заедно со сегашната реторика ќе бидат заменети со прагматичен пристап кон “Aquis Communautaire” (концептот на ЕУ кој ги опфаќа сите легислативи и договори) каков што видовме деновиве. Треба да се напуштат бирократијата, стариот и компликуван даночен систем и несигурност.
Секогаш постои можност за излегување на Грција од еврозоната, сѐ додека новата влада не го објасни главниот план за привлекување странски приватни инвестиции, единствениот извор за создавање нови работни места во Европа.
Напуштањето на ЕУ, исто така, е можно во случај новата администрација да нема разбирање за обврските што произлегуваат од договорите и од меморандумите.
Колку има сериозност во анализите дека во случај на влошување на односите со ЕУ, СИРИЗА ќе се приближи кон Москва? Дали фактот дека првиот состанок на Ципрас како премиер беше со рускиот амбасадор во Атина го навестува тоа?
ВАЛИЈАНАТОС: Шпекулациите за поблиска грчко-руска финансиска меѓузависност не успеваат да се докажат бидејќи секој втор обид за таква евентуалност паѓа во вода според високи руски претставници, кои укажуваат на целосна усогласеност на грчката влада со европските реформи и политика.
Средбите на високо ниво меѓу Русија и грчките фунционери служат само за внатрешна употреба.

Американскиот државен секретар Џон Кери неодамна изјави дека Македонија, Србија, Црна Гора и Молдавија се наоѓаат на линија на огнот меѓу САД и Русија. Што сметате дека претставува закана за стабилноста на регионот имајќи ги предвид предизвиците во Косово, Република Српска, турско-грчкиот спор во Егејско Море, спорот за името со Македонија итн.
ВАЛИЈАНАТОС: Политичкaта рамнотежа во поголемите земји од Балканот не се менува сѐ додека малите држави во регионот не го најдат патот до европските институции и во тој случај може брзо да се смени.
Се чини дека ниту ЕУ ниту Руската Федерација не се подготвени да преземат нови иницијативи со поинаква политика од досегашната со цел да се решат регионалните спорови што се во застој.
Можеме ли да очекуваме некакво придвижување во поглед на прашањето за името откако Ципрас коалицираше со лидерот на Независните Грци, Панос Каменос, кој има мошне тврд став за проблемот со Македонија?
ВАЛИЈАНАТОС: СИРИЗА порано беше многу отворена и ненационалистичка партија, барем додека беше мала и слаба за да влијае на надворешната политика. Подмладокот на СИРИЗА и добро познатиот Сектор за човекови права сега не само што се замолчени, туку се и „дисциплинирани“ кога се работи за државна политика, посебно за Турција и за прашањето за името на Македонија.
Дозволете ми да ве потсетам дека проблемот не е само името бидејќи сите веќе знаеме дека владејачката партија ја презеде целосната агенда од другите две водечки грчки партии, туку и прашањата за македонскиот идентитет, култура и јазик. Тоа е чекор наназад.
Каде би ставила СИРИЗА црвена линија кога се работи за прашањето за името? Има ли некој скриен став, кој би можела да го спроведе наредните четири години? Една недела по инаугурацијата, Ципрас и Никола Груевски имаа телефонски разговор. Дали тоа може да биде добра почетна точка за подобрување на односите меѓу двете земји?
ВАЛИЈАНАТОС: Се чини дека „црвените линии“ на СИРИЗА во моментов се Независните Грци, што е идентично со старата политика – едно име за ерга омнес, вклучувајќи и географска одредница „Северна“, иако Независни Грци се согласуваат со Андонис Самарас за целосна употреба на зборот „Македонија“ во името, како, на пример, сегашниот назив ПЈРМ.
Макотрпната финансиска битка на двата партнера за Грција да се извлече од кризата не остава простор за напредок по тоа прашање. Каква било промена би значела и финансиска и политичка стабилност во земјата, што сега не е случај.
Каква заедничка корист би имале двете земји од решавање на спорот за името? Може ли „Турски тек“ да биде доволен мотив за постигнување добри односи, барем во неполитички контекст? Властите од двете земји имаат многу мала официјална комуникација.
ВАЛИЈАНАТОС: Туризмот, деловните односи и студентските прашања би можеле да влијаат на односите. Сè друго би се одвивало само под притисок од меѓународната заедница.
Турски тек“ е, дефинитивно, од заемен интерес и причина за поголема толеранција, ако успее проектот.
Зошто грчките функционери не сакаат средби со своите македонски колеги? Поранешниот претседател Карлос Папуљас одби три писмени покани од претседателот Ѓорге Иванов. Премиерот Самарас, исто така, одби такви средби. Може ли да очекуваме дека новите грчки лидери ќе имаат желба да седнат и отворено да разговараат за проблемите?
ВАЛИЈАНАТОС: Не би ја исклучил можноста за промена на ставот за присуство на грчки функционери и политичари во Република Македонија. Самата СИРИЗА е многу поотворена за меѓународна соработка отколку социјалистите од ПАСОК и националистите од Неа демократија.
Разговараше: Горан Момироски
(Интервјуто со Григорис Валијанатос е објавено во 131. број на неделникот Република, 6.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


