Невработеноста во Велика Британија е зголемена во периодот меѓу ноември минатата и јануари оваа година, па сега изнесува повеќе од 2,5 милиони луѓе, соопшти денеска државното Биро за статистика.
Зголемувањето на бројот на Британците што немаат никаква работа ќе го зголеми притисокот врз министерот за финансии Џорџ Озборн, кој во Парламентот во Лондон треба да ја изнесе проекцијата за новиот буџет на државата во период од една година.
Подолго време врз него и Владата, бизнисот, економски експерти и опозициски лабуристи вршат притисок за менување на економската програма и за олеснување на острите мерки за намалување на буџетот и на внатрешниот долг, за сметка на поттикнувачки мерки за развој на економијата.
Статисичките податоци откриваат дека продолжува да расте невработеноста кај младите меѓу 16 и 24 години, која е сосема блиску до еден милон млади без работа. Невработеноста кај младите од оваа возраст сега изнесува 21,2 процент.
Вкупната невработеност во Велика Британија изнесува 7,9 проценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.