Мариналеда, мал андалузиски град на југот на Шпанија е познат како „демократска утопија“. Со години успешно му се спротивставува на капитализмот и заработува од земјоделство.
Опкружен со плантажи од маслинки и со пченични полјани, Мариналеда од почетокот на финансиската криза 2008 година е познато како едно од ретките места во Шпанија во кое скокнал животниот стандард. Најзаслужен за тоа е градоначалникот Хуан Мануел Санчез Гордилјо, кој прекарот Шпанскиот Робин Худ не го добил случајно.
Тој лани во август организираше низа кражби во шпанските супермаркети, во знак на протест против капитализмот. Од супермаркетите биле украдени основните артикли како ориз и масло и потоа им биле поделени на сиромашните, додека касиерите беспомошно стоеле зад касите.
Во интервју, Гордилјо, кој е градоначалник од 1979 година, изјавил дека тоа не е кражба, туку ненасилен акт на непослушност.
– Има семејства што не можат да купат храна. Во 21 век тоа е срамота. Храната е основно право, а не нешто со што треба да се шпекулира – изјави тој.
Секој што сака да изгради куќа во овој град, може да го направи тоа сосема бесплатно. Неопходниот материјал и работниците ги обезбедува градското собрание, а семејствата се обврзни да плаќаат само 15 евра месечно до крај на животот. Во договорот се вели дека куќата не може да биде продадена за лична корист.
Додека невработеноста во Андалузија е 37 проценти, во Мариналеда е еднаква на нула. Сите 2.700 жители работат, најчесто на планажите и на фармите, а сите работници се платени еднакво и тоа по 1.200 евра месечно.
– Мора да размислиме за сопствените вредности, потрошувачкото општество и важноста што ја придаваме на парите. Мариналеда е само еден мал пример и би сакале нашето искуство да се прошири на остатокот на светот – вели Гордилјо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.