Ако купите техничка стока или облека преку интернет и кога ќе ја добиете, не ви се допаѓа, односно се предомислите, ќе имате рок од 14 дена да ја вратите, а трговецот ќе мора да ви ги врати парите дури и тие кои ви ги наплатил за транспортот. Ова се новините во Законот за потрошувачи со кои дополнително ќе се заштитат граѓаните кои преферираат онлајн-шопинг.
Во Законот кој го подготвува Министерството за економија треба да се вметне европската директива со која се регулира купувањето на производи надвор од деловните простории на трговецот, односно продажбите од врата на врата како и преку интернет, телефон или пошта. Со тоа ќе се избегнат ситуации кога се нарачува производ кој на слика изгледа прекрасно, а во реалноста, кога истиот ќе пристигне станува јасно дека е далеку од тоа или, пак, ако станува збор за технички производ и да не работи, пишува „Дневник“.
– За потрошувачот тоа значи јасни информации кога купува онлајн, заштита од скриени трошоци на интернет и забрана на однапред означување на полиња на веб-страницата. На пример, при купување авионски билети, може да бидат понудени дополнителни опции за патното осигурување или наем на автомобил и тие да бидат прикажани во вид на однапред означени полиња. Потрошувачите често беа принудени да ги отстранат ознаките на тие полиња кога не се заинтересирани за дополнителни услуги. Со измените во законот – во согласност со директивата ќе се забранат однапред означените полиња – објаснуваат од Министерството за економија.
Истовремено се зголемува и рокот, сега на 14 дена доколку потрошувачот се премисли при купувањето.
-Потрошувачот во рок од 14 ден од приемот на стоката има право да се откаже и трговецот мора да му го врати платениот износ, што подразбира и трошоците за испорака. Трговецот ќе го понесе ризикот за секое оштетување на стоката при превозот до моментот кога потрошувачот ја презел робата. Се воведува и образец за откажување од набавката доколку се премисли или отстапи од договорот – велат во ресорот економија.
Во законот ќе биде децидно посочено дека трговецот мора да му ја открие вкупната цена на производот и услугата со сите дополнителни трошоци.
– Ако потрошувачите за тоа не биле известени пред извршување на порачката на соодветен начин нема да имаат обврска да ги платат тие дополнителни трошоци – објаснуваат во Министерството.
До Организацијата на потрошувачи на Македонија лани имало околу 200 поплаки за производи купени онлајн. Граѓаните се обиделе да „рекламираат“ патики, техничка стока, мобилни.
Повеќе на „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.