Највлијателната опозициска партија во Хрватска, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) ја зголеми својата предност пред најголемата партија од владечката коалиција – Социјалдемократската партија (СДП), а најпопуларен политичар во земјата е новоизбраниот претседател Колинда Грабар Китаровиќ, покажува истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Промоција плус“, цитирано од Танјуг.
Според резултатите од анкетата извршена врз репрезентативен поримерок од 1.300 граѓани, ХДЗ ја има поддршката од 31,1 проценти од избирчите, што е за 1,6 процента повеќе во споредба со минатиот месец, додека СДП има поддршка од 24,7 проценти во однос на 24,8 проценти од минатиот месец.
Новина овој месец е и растот на рејтингот на граѓанското здружение „Жив ѕид“, кое за првпат се најде на третото место, зад ХДЗ и СДП.
Новиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ веќе стана најпопуларниот политичар во Хрватска откако минатиот месец стапи на должноста. За неа се изјасниле 28,2 проценти од анкетираните, а нејзиниот претходник Иво Јосиповиќ има поддршка од 13,5 проценти од анкетираните. На трето место според популарноста меѓу граѓаните е претседателот на Парламентот, Јосип Леко.
Лидерите на ХДЗ и СДП, Томислав Карамарко и Зоран Милановиќ, практично го делат првото место по непопуларност, бидејќи 34,6 проценти од анкетираните Карамарко го сметаат за најнегативен политичар во земјата, а 34,4 проценти истото го сметаат за премиерот Милановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.